Линкови за пристапност

Македонија треба да има подобра координација меѓу институциите за да избегне кризни ситуации со бегалската криза


Трпе Стојановски, до неодамна директор на Регионалната иницијатива за бегалци и азил во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик ги коментираа актуелните предизвици пред кој е исправена Македонија како и ЕУ во однос на бегалската криза.

На нашето прашање за мислење за причините што ја предизвикаа оваа бегалска криза, Стојановски кажа:

„Причините се поливалентни. Една од нив се војните во Сирија, Авганистан и во некои земји на Африка. Покрај овие причини, на нив се надоврзуваат и традиционалните миграциски тенденции од сиромашните држави во потрага по подобар живот.

Kога станува збор за Сиријците, Авганистанците, Ирачаните, тој смета дека се работи за бегалци, чиј мотив е „да спасат жива глава“. Останатите, вели, најчесто може да се идентификуваат како нерегуларни мигранти.

Што се однесува, пак, на социјалните групи на бегалците/мигрантите, Стојановски вели дека „ги има од сите профили“, но кога станува збор за воени жаришта, тогаш „речиси сите се едно: јадници кои бегаат да се спасат“.

Го запрашавме Стојановски и за тоа зошто е создаден толкав притисок токму на македонската јужна граница, на што тој одговори:

„Тоа е добро прашање; и во претходните години низ Македонија врвеше еден од главните копнени коридори. Во последните два месеци овој коридор стана максимално динамичен, споредено со останатите, кои бележат зголемување, но процентуално помал споредено со коридорот кој минува низ Македонија. Притисокот на јужната македонска граница се должи и на отсуството на комуникација со надлежните органи. Имено, не постои желба за тоа од грчка страна. Тоа е дополнително нејасно, имајќи во вид дека границата на Македонија со Грција ја означува и надворешната ЕУ граница, која во основа се препознава по повисоки стандарди“.

Македонија беше изложена на многу критики поради односот кон мигрантите и за тоа побаравме коментар од Стојановски.

„Одговорот од претходното прашање објаснува и дел од ова прашање. Неможноста и непостоењето на координација со јужниот сосед ја доведе Македонија да ги следи состојбите посредно. Секако, тоа не е оправдување за задоцнето реагирање на надлежните македонски институции со воспоставување на граничниот режим за безбедна контрола на граничната линија и за безбеден, систематичен процес на преминување на бегалците и мигрантите на територијата на Македонија. Доколку состојбата се анализираше пореалистично, и реакцијата на државните институции ке беше порелаксирана“.

„Известувањето од медиумите беше погрешно со најавите дека со прогласување на кризна состојба и испраќање на војската да и` асистира на полицијата на јужната и северната граница на 19 август, 2015-та, Македонија ја затворила границата. Тоа никогаш не се случи. Оваа квалификација е недозволива и направи многу штета“.

„Секако, задоцнетото поставување на безбедносните сили долж граничната линија и почетното реагирање и ограниченото пропуштање на мигрантите, кои во тој ден беа довезувани со организиран транспорт од југ, влијаеа да се создаде лошо сценарио, кое се надминува“, рече Стојановски.

За тоа што би требало Македонија да преземе за да ги избегне овие ситуации, Стојановски рече:

„Да има подобра аналитика за овој феномен; ЕУ поодговорно да се грижи за својата надворешна граница, која е свртена кон внатре, имајќи во вид дека по 600-700 км овие луѓе повторно доаѓаат до надворешната граница на ЕУ, Унгарија, која се оградува со зид и во иднина веројатно и Хрватска. Би било многу корисно, кога ќе биде јасно од ЕУ како да се постапува со овие лица додека транзитираат, Македонија да биде конструктивен партнер во тој процес“.

На прашањето дали бранот мигранти ќе се зголемува, а со тоа и притисокот на границата, Стојановски смета дека „искуството говори оти по покривањето на Медитеранот од ЕУ структурите, копнениот коридор преку Балканот добива во интензитет и во значење од сите аспекти, вклучително и од криминалните групи. Имајќи во вид дека воените жаришта во земјите на потекло и натаму се активни, бројот на бегалци и мигранти веројатно ќе се зголемува. Летниот период и есента се најподатливи за мигрирање. Оттука, обврската за подобро менаџирање на миграциските и бегалските текови станува императив“.

За потенцијалот на оваа криза да предизвика посериозна безбедносна криза, Стојановски вели дека „критичните аспекти се бегалските бранови кои може да бидат помасовни; отсуството на непосредна соработка со надлежните институции од земјата членка на ЕУ, од каде најмногу доаѓаат овие лица; ограничените ресурси на Македонија, а веројатно подоцна и на други земји, во справување со овие предизвици со кои се соочуваат, а недостасува одржливо европско решение за ова; неподготвеноста на земјата и од аспект на ресурси, и од аспект на менаџирање за справување со ваков предизвик; циничниот однос на ЕУ во покажување лидерство во координација и менаџирање на актуелната криза; немање на квалитетен ПР на Македонија во обезбедување транспарентно известување; непрофесионално известување од некои медиуми и друго.“

XS
SM
MD
LG