Линкови за пристапност

Невладината МОСТ изнесе изборни предлози


Замислени како ресурс за политичките партии во преговарањето за изборниот процес, но и како поттик за поширока дебата

Невладината организација МОСТ изнесе предлози за решавање на изборниот систем, во контекст на актуелните разговори на работната група на политичките партии за имплементација на Договорот од Пржино.

Документот, којшто денеска го презентираше оваа граѓанска организација, препорачува воведување на модел на отворени листи за да се зголеми индивидуалната можност, но и одговорност на кандидатите, ревизија на системот на гласање на дијаспората поради нееднаквоста на гласот во актуелниот систем, како и измена на системот на избор на членови на ДИК, избирачкиот список и финансирањето на изборните кампањи.

„Намената на овој документ е да им служи на политичките партии како ресурс во поставувањето на основи за изборен процес со висок степен на доверба, како и да ги поттикне и останатите чинители во изборниот процес да ги изнесат своите идеи за реформа во една поширока дебата“, изјави за Гласот на Америка Дарко Алексовски, претседател на невладината МОСТ.

Во врска со отворените листи, од МОСТ велат дека пропорционалниот изборен систем со отворени листи на граѓаните им дава можност покрај гласот којшто го даваат за политичката партија, да гласаат и за поединечните кандидати од листата на таа партија. Со тоа, тие можат директно да влијаат на распоредот на кандидатите на листата предложен од политичките партии.

Гласањето во странство, предлагаат од МОСТ, треба да се суспендира за следните избори закажани согласно Договорот од Пржино во април, а потоа да се отвори широка дебата за сите негови аспекти, за да се најдат најсоодветните решенија. Според МОСТ, едно од нив би можело да биде електронското гласање, но тој модел технички не би можел да се спроведе на следните избори.

Во врска со измените во однос на Државната изборна комисија, МОСТ смета дека треба да се преиспита начинот на предлагање и избор на членовите на ДИК, затоа што има негативно влијание врз работата и донесените одлуки на овој орган. ДИК да биде конзистентна во носењето на одлуките и да реагира во сите случаи кога постои прекршување на одредбите од Изборниот законик и другите закони поврзани со изборниот процес, велат од МОСТ.

За Избирачкиот список, МОСТ предлага да се изврши детална теренска проверка на податоците во него, во согласност со заклучоците на Работната група. МОСТ е за тоа да се разгледаат алтернативни решенија за ажурирање и водење на Избирачкиот список, како на пример активна регистрација на гласачи; да се разгледа можноста Избирачкиот список да се направи подостапен за јавноста со соодветна заштита на личните податоци на граѓаните и ДИК да ги надмине административните и техничките предизвици и да објавува сеопфатни информации за резултатите од јавниот увид во Избирачкиот список.

Во однос на изборната кампања, за МОСТ е најзначаен аспекот на нејзиното финасирање. Затоа, невладината организација предлага да се предвиди рок во којшто треба да се затворат финансиските сметки за изборната кампања затоа што, како што велат, непостоењето на ваков рок може да создаде проблеми при ревизијата на финансиските извештаи. Исто така, МОСТ предлага да се преиспита можноста медиумите да даваат донации за политичките партии преку овозможување на попусти во платеното политичко рекламирање, затоа што на овој начин се заобиколува правото на учесниците во изборниот процес на рамномерен пристап во платеното политичко рекламирање.

Доколку политичките партии излезат со други предлози, МОСТ стои на располагање да ги прошири овие анализи во најбрз можен рок и истите да ги достави до сите засегнати во процесот, вели Алексовски.

XS
SM
MD
LG