Линкови за пристапност

Продолжија преговорите за надминување на кризата


Претставниците на четирите најголеми партии зад затворени врати се договараа за исполнување на обврските од договорот од 15-ти јуни

По двонеделниот летен одмор, во Клубот на пратениците, зад затворени врати продолжија разговорите на членовите на работната група за надминување на политичката криза во Македонија и за создавање на услови за одржување на фер и демократски, предвремени парламентарни избори, во април 2016-та.

По неколкучасовната средба, ниту учесниците од четирите најголеми политички партии, ниту белгискиот олеснувач Питер Ванхоут не дадоа изјави за медиумите. На состанокот присуствувале Цветанка Иванова и Дамјан Манчевски од СДСМ, Никола Попоски и Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, Имер Алиу од ДПА и Артан Груби и Муса Џафери од ДУИ.

Неофицијално, за време на паузата преставниците на партиите имале средба со амбасадорите на САД и ЕУ, на којашто од нив била побарана поголема ангажираност за обврските од договорот од 15-ти јули.

Откако на новинарите не им беше дозволено да влезат ни во дворот на Клубот на пратениците, во недостиг на официјални партиски информации дали на денешниот состанок е остигнат некаков напредок, медиумите објавија дека на преговорите се дискутирало за прочистувањето на Избирачкиот список од непостоечки гласачи, за измените на Изборниот законик и гласањето на иселениците, а наводно имало одреден оптимизам околу дефинирањето на надлежностите на Државната изборна комисија.

СДСМ бара прочистување на Избирачкиот преку активна регистрација на гласачите, што всушност значи создавање на целосно нов список, но во игра е и предлогот за теренска проверка „од врата до врата“. Владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ досега се немаат изјаснето во јавноста за предлозите.

Неофицијално, утре работната група ќе дискутира само за специјалниот јавен обвинител којшто треба да се избере до 15-ти септември, а за гласањето на дијаспората би се разговарало в среда. Опозицијата се изјасни дека бара обезбедување на еднаквост на гласовите на иселениците со гласовите на избирачите во Македонија.

Роковите се стриктни - опозицијата на 1-ви септември траба да се врати во Собранието на Македонија, и останува се` помалку време за изнаоѓање на заеднички јазик и „пеглање“ на разликите, поради што во дел од медиумите беа објавени тези дека се можни и несоодветни решенија донесени во трка со времето.

XS
SM
MD
LG