Фактот што Македонија се` уште е надвор од ЕУ, таа бескрајна приказна околу името, е последица токму на недостигот на лидерство. Не е тоа бирократски проблем, туку отсуството на политичка волја, порача Франко Фратини, поранешен потпретседател на Европската комисија и поранешен министер за надворешни работи на Италија во обраќањето пред учесниците на Школата за млади лидери којашто по шести пат се одржува во Охрид.
„Сега можам да кажам дека тоа зависеше и се` уште зависи од фактот дека не постои доволно храброст и политичкo лидерство во Европа, да се стави крај на таа приказна“, рече Фратини. Тој говореше за европската перспектива на Балканот, укажувајќи на огромната потреба од млади лидери во Европа.
На учесниците им се обрати и поранешниот претседател на Бугарија Петар Стојанов, којшто посочи на потребата од споделување на заеднички вредности во регионот и создавање на мостови.
„Старите стереотипи немаат веќе место во новите балкански стратегии, коишто првпат после толку многу војни и непријателства претставуваат победничка стратегија за сите балкански нации. За да успее таквата стратегија, потребно е сите да веруваме во потребата од споделување заеднички вредности, и сето тоа да се случи брзо и ефикасно“, рече Стојанов.
Македонскиот претседател Ѓорге Иванов истакна дека сите сакаме да бидеме во Европа и да бидеме Европјани.
„Оваа школа е влог во таа европеизација на Македонија и доколку поради познатите блокади не можеме да бидеме дел од ЕУ, барем младите да ги направиме Европјани во Македонија, да ги почувствуваат вредностите коишто ги имаат нивните врсници коишто имале среќа да бидат дел од ЕУ“, кажа Иванов.
На листата има 44 учесници и околу 20 предавачи од Република Македонија, Европа, САД, Израел и Мароко.