Линкови за пристапност

Започнува работата на имплементирање на обврските од „Пржино“


Политичките партии потписници на договорот во понеделник се враќаат на работната маса

По двонеделна пауза политичките партии потписници на договорот од Пржино во понеделник се враќаат на работната маса на која ги чекаат разговори за измените во изборниот законик кои го опфаќааат делот на избирачкиот список, улогата и позицијата на Државната изборна комисија како и начинот на кој ќе гласа дијаспората.

Претставници на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА се учесници во работната група за имплементација на договорот од Пржино и изразуваат оптимизам дека ќе бидат изнајдени решенија прифатливи за сите партии.

Според договореното во Пржино, пратениците на СДСМ треба да се вратат во Собранието на први септември. Лидерот на оваа партија Зоран Заев во изјава за медиумите потврди дека СДСМ ќе ја исполни оваа обврска по што следно на дневен ред е изборот на специјалниот јавен обвинител во чиј мандат е истрагата на сите сомнежи отворени со објавата на опозициските „бомби“, вклучително и оние поврзани со тоа кој бил нарачател на масовното прислушување.

Според познавачите на приликите изборот на специјалниот обвинител ќе биде и најтешкиот и најголем предизвик во процесот на имплеметацијата на договорот од Пржино. „Пред да се постигне согласност околу личноста која ќе ја носи оваа одговорна функција, потребно е да се дефинираат надлежностите на новиот обвинител како и условите за исполнување на неговиот мандат“, изјави Зоран Заев.

Познавачите на материјата велат дека цпецијалниот обвинител мора да биде личност која ќе има целосна политичка поддршка, тим и средства да за истражување на наводите.

„Мора да се интервенира во законите за девизно работење, за Царина, за Народната банка на Македонија, за Финансовата полиција, и да се утврди како треба да постапат овие институции по барањата на специјалниот обвинител. Тој обвинител ќе гони софистициран криминал за кој ќе му требаат експерти од соодветната област, затоа мора сериозно да се размисли кој ќе биде во неговата екипа, бидејќи кај нас се` е поврзано, клиентелизмот го има на секој чекор“, вели поранешниот јавен обвинител Стеван Павлевски.

Павлевски нагласува дека е потребно да се уредат и односите на новиот обивнител со постоечките функции во обвинителството како и со судовите.

„Специјалниот обвинител би постапувал и пред Апелациониот и пред Врховниот суд. Тој мора да има контрола над се во постапките. Во тоа е и суштината зошто ни треба специјален обвинител. Од тука, сегашните обвинители Марко Зврлевски и Гордана Гешкоска ќе сватат дека се употребени и ќе бидат исфрлени. Тоа е трагедијата на нивното досегашно непостапување“, нагласува Павлески.

Професорот Гордан Калајџиев од Правниот факултет при УКИМ во Скопје, се согласува дека мора да се елиминираат сите дилеми кои се поставуваат сега, пред изборот на специјалниот обвинител, почнувајќи од тоа колкав тим ќе има, кој ќе го опслужува, кој ќе постапува по жалбите понатаму и пред кој суд, вклучувајќи го и временскиот рок за мандатот на обвинителот.

„Треба да се види што треба да се внесе во посебен закон, а со што да се интервенира во законите за обвинителство, за судови, во ЗКПК“, вели професорот Гордан Калајџиев.

XS
SM
MD
LG