Линкови за пристапност

Македонија: Реакции по кривичните пријави


Медиумите и други фактори во државата го поставуваат прашањето дали не се работи за реприза на аферата ТВ А1

Откако МВР вчера поднесе кривични пријави за 21 член на Управниот и Надзорниот одбор во една од најголемите македонски фирми, нафтената компанија „Макпетрол“, и за три одговорни лица од државните институции - Централниот регистар, Централениот депозитар за хартии од вредност и Комисијата за хартии од вредност, во македонските медиуми и на социјалните мрежи, темата прерасна во дебата за слободата на медиумите и полемика дали се повторува аферата со присилното затворање на најгледаната македонска телевизија А1.

МВР вчера објави дека во „аферата Макпетрол“, првоосомничен е претседателот на УО на „Макпетрол“ Андреја Јосифовски - кој според медиумите е еден од најбогатите Македонци - за наводно незаконско прелевање на капитал од матичната фирма „Макпетрол“ во компанијата „Оилко“. Полицијата ги сомничи Јосифовски и останатите, дека учествувале во незаконско прелевање на капитал од АД „Макпетрол“ во командитното друштво со акции „Оилко“.

Но, со оглед на фактот дека „Макпетрол“ е сопственик и на ТВ „Телма“, една од трите телевизии со национална концесија кои не се под целосна контрола на власта, веднаш се појавија реакции, според кои, всушност, се работи за удар врз независната уредувачка политика на телевизијата.

Либерално-демократската партија изрази загриженост „од односот на Владата кон домашните приватни компании, особено по последните кривични пријави врз сопствениците на АД “Макпетрол“ Скопје“ и во своето соопштение постави прашање - зошто по девет години владеење, „МВР, дури сега, во пресрет на предвремените парламентарни избори, поднесува кривични пријави против “Макпетрол“ во чија сопственост е и ТВ „Телма?“ Според ЛДП, на ист начин се реализирала акцијата за затворање на ТВ А1, а „забележлив беше и притисокот со закани за кривични пријави врз сопствениците на АД “Фершпед“, што резултираше со подоцнежната багателна продажба на ТВ „Алфа“, која подоцна стана силен поддржувач на владините полики“

Иако денес помошник министерот за односи со јавност во МВР, Иво Котевски, потенцирал дека „Макпетрол“ како фирма – правно лице, воопшто не е опфатен со кривичната пријава, и дека „надлежниот јавен обвинител ја прифатил пријавата, а МВР очекува пријавата понатаму да се процесуира“, еден дел од медиумите, кривичните пријави ги протолкуваа како предизборен притисок врз ТВ „Телма“. И поставија прашање - зашто кривичните пријави се однесуваат на незаконски дејствија од 2007 година, а се поднесуваат дури сега, потсетувајќи на случајот со сопственикот на критички настѕроената кон власта - ТВ А1, Велија Рамковски, кој исто така, беше уапсен на неколку месеци пред избори.

Војната со соопштенија продолжи, особено откако во медиумите се појави веста дека е замрзната сметката на „Макпетрол“ и дека од скопското Обвинителство соопштиле дека е оформен предмет за „Случајот Макпетрол“. Во меѓувреме, компанијата „Макпетрол“ демантираше дека има намера да ја продаде ТВ „Телма“, тврдејќи дека се работи за „злонамерни шпекулации кои постојано се лиферуваат во јавноста“. Според менаџментот на компанијата, ТВ Телма технолошки ќе се унапредува, „ќе остане верна на својата принципиелна, непристрасна и објективна уредувачка политика и нема намера да потклекне на било какви политички притисоци“.

Иако нафтената компанија има отворен проблем во релациите со Владата и поради деценискиот судски спор околу компанијата за пренос на природен гас „Гама“, во која имаат по 50 отсто удел „Макпетрол“ и државата Македонија, раководството на „Макпетрол“ обвини дека кривичните пријави од МВР се последица на загубениот судски спор кој Управата за јавни приходи го водела против „Макпетрол“, и пресудата – поради незаконското оданочување, УЈП да ги врати одземените средства.

XS
SM
MD
LG