Американскиот државен секретар Џон Кери е на пат за Хавана, Куба, да го крене американското знаме над тамошната амбасада на САД, одбележувајќи церемонијално повторно отворање на дипломатскиот објект откако двете држави се договорија за обновување на врските прекинати пред повеќе од 50 години.
И двете амбасади, на САД и на Куба, беа повторно отворени на 20 јули.
Кубанската амбасада организираше раскошен настан за своето повторно отворање минатиот месец, но САД избраа да го одложат своето церемонијално отворање додека државниот секретар Џон Кери биде во состојба да ја предводи делегацијата во Хавана.
Кери, кој станува првиот американски државен секретар што ја посетил Куба во 70 години, ќе биде придружен од некои членови на Конгресот и тројца постари поранешни маринци кои го спуштија знамето за последен пат во Хавана, во јануари 1961.
Целодневната церемонија во Хавана ќе вклучи серија настани со американските законодавци и други владини претставници и членови на граѓанското општество, кажа висок претставник на Стејт департментот.
Нема планирана средба меѓу Кери и кубанскиот претседател Раул Кастро, рече претставникот кој исто така индицираше дека кубанските дисиденти нема да бидат дел од церемонијата на кревањето на знамето во американската амбасада.
Официјалното лице кажа дека ќе има втора, поголема церемонија подоцна во денот, во резиденцијата на амбасадорот Џефри ДеЛорентис, шеф на мисиите на САД. Таа церемонија ќе вклучи голем број членови на граѓанското општество, вклучувајќи политички активисти, борци за човекови права и медиумски активисти.
Некои кубанско-американски активисти за човекови права со седиште во Вашингтон велат дека нормализирањето на односите со Куба може да биде чекор назад за кубанските дисиденти. Резерви имаат и некои законодавци од САД.
Отварањето на амбасадата ќе им дозволи на повеќе Американци да патуваат во Куба и ќе им даде зголемен пристап на Кубанците до американската амбасада во Хавана.
Но Кубанците може да не забележат голема промена во нивните секојдневни животи. Професор на Американскиот Универзитет, кој патувал во Куба над 30 пати, вели дека Конгресот треба да го симне ембаргото спрема Куба за тие да забележат разлика.
Обама изрази поддршка за симнување на ембаргото, за прв пат поставено спрема Куба во 1960-те.