Линкови за пристапност

Одбележување на годишнината на Рамковниот договор


И по 14 години, Охридскиот договор се` уште предмет на дебати и полемики

„Се' уште заради дневно-политички интереси не успеваме да се помириме и да создадеме мирно граѓанско општество. Без внатрешно помирување, не е можно да се помириме ниту со соседите“, изјавил на денешната дебата посветена на 14-годишнината од потпишувањето на мировниот документ од Охрид, вицепремиерот задолжен за спроведување на Рамковниот договор, Муса Џафери.

На дебата организирана од Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, било посочено и дека со потпишувањето на Охридскиот договор во 2001 година, Македонија избегнала војна, дека договорот претставувал појдовна точка за меѓуетничко помирување во Македонија, но и дека денес Македонија преживува длабока криза и дека и во актуелниот политички момент на земјата и потребно лидерство кое ќе се справи со проблемите.

„Овој Рамковен договор ќе го промовира мирниот и хармоничен развој на граѓанското општество, истовремено почитувајќи го етничкиот идентитет и интересите на сите македонски граѓани“, пишува во договорот. Но и на 14-тата годишнина од договорот од Охрид, за него се водат дебати и полемики, тој различноп се толкува, а еден дел од политичките чинители во земјата не го признаваат.

И вицепремиерот Џафери истакнал дека постојат политичари кои „ниту кога се потпишувал договорот, ниту сега, не го почитувале документот, ниту работеле на негова примена“, а еден од авторите на документот професорот Љубомир Фрчкоски, денес за медиумите изјавил дека концептот на Рамковниот договор бил „напуштање на етничките права поврзани со територија, (како што беше случај со БиХ), и поради тоа нашиот договор е договор што гради држава, а не ја разградува“.

Движењето на етничките Албанци „Беса“ директно го обвини премиерот Никола Груевски за неимплементирањето на договорот. „Ние сме убедени дека има замислен акционен план како тој договор да се минимизира и да се сведе само на вработувања на Албанците. Пораката што ја испрати премиерот Груевски во однос на овој договор беше јасна и за Албанците и за меѓународната јавност - Рамковниот договор нема никогаш да се имплементира. И тоа тој го остварува преку најболната точка, стабилноста на државата и врз грбот на меѓуетничките односи, кои тој намерно ги влоши, со низа големи инциденти и провокации. Неминовно е да отвориме нов процес за конструирање нов политички систем, кој ќе ја стабилизира и ќе ја развие државата, која ќе биде функционална, при што сите граѓани ќе ѝ бидат лојални“, смета „Беса“.

На 13 август 2001 во вилата „Билјана“ во Охрид, беше потпишан Рамковниот договор со што беше означен крај на вооружениот конфликт во Македонија. Негови потписници беа тогашниот претседателот на Македонија, Борис Трајковски, претседателите на политичките партии, Љубчо Георгиевски на ВМРО-ДПМНЕ, Имер Имери на ПДП, Бранко Црвенковски на СДСМ и Арбен Џафери, на ДПА, како и гарантите од меѓународната заедница, -Франсоа Леотар, претставник на ЕУ и Џејмс Пердју, претставник на САД.

XS
SM
MD
LG