Линкови за пристапност

Кривична пријава против управата на Макпетрол


За обвинетите пријавата е тенденциозна

МВР поднесе кривична пријава против 21 лице поврзани со незаконско прелевање на капитал од акционерското друштво Макпетрол во Командитното друштво со акции Оилко.

Десетте членови на Управниот одбор, осумте членови на надзорниот, како и тројца одговорни во Централниот регистар, Централниот депозитар за хартии од вредност и Комисијата за хартии се товарат за злоупотреба на службена положба и овластување, соопшти МВР.

„Пријавените членови … самоиницијативно и нетранспарентно превземаат повеќе активности … со цел прикривање на вистинската намера и нивните лични интереси од основањето на Оилко КДА. Притоа подготвиле противзаконска и штетна (за останатите акционери на Макпетрол АД), предлог одлука за вложување во командитно друштво со акции како зделка со заинтересирана страна, а всушност станува збор за Договор за основање на ново друштво во кој што Макпетрол АД е странка. Истата таа одлука, која е незаконска, подоцна е донесена на Собранието на акционери на Макпетрол, кои биле нецелосно и неправилно информирани. Одлуката е незаконска, бидејќи сопствените акции на Макпетрол, вложени во Оилко немаат имотна вредност. Освен тоа, одлуката истовремено не била во интерес на сите акционери“, се наведува во соопштението од МВР.

По ова е објаснето дека „по формирањето на Оилко, меѓу фирмата-мајка Макпетрол и фирмата-ќерка Оилко се склучени поголем број договори од кои според годишните биланси, целиот профит оди на страната на Оилко, додека Макпетрол бележи загуби. Имено, при извршената анализа утврдено е дека во периодот од 2002 до 2007 година Макпетрол АД, Скопје работи со добивка и oстварило нето добивка во вкупен износ од 1.128.185.175 денари, а пак за период од 2007 до 2014 година Макпетрол АД-Скопје остварува нето загуба во вкупен износ од 446.626.307 денари. Оилко КДА- Скопје, во овој период работи со добивка и остварува нето добивка во вкупен износ од 230.408.250 денари што, според МВР, претставува сомнеж дека средствата од Макпетрол АД-Скопје се слеваат на сметка на Оилко КДА-Скопје“.

Од своја страна Макпетрол кој е и сопственик на ТВ Телма, една од малкуте ТВ станици кои имаат критички тон кон работаат на владата се огласи со реакција.

Од Макпетрол велат дека се работи за чист случај во кој не е оштетен ниту еден акционер.

„Целата постапка е извршена според законските прописи и легално и нема ниту една повреда на законот. Претпоставка е дека актуелната кривична пријава на МВР е тенденциозна и дека е поднесена заради загубен судски спор во кој се утврди незаконско оданочување на водечките луѓе од Макепетрол. Со последната судска пресуда УЈП е должна да ги врати парите за незаконскко оданочување“, сметаат од Макпетрол.

XS
SM
MD
LG