Линкови за пристапност

На први септември опозицијата се враќа во Собранието


Добредојдени се, нека се вратат, е кусата реакцијa на премиерот Никола Груевски

На 1-ви септември опозицијата се враќа во Собранието. Ова за овдешните медиуми деновиве го потврди лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Освен што тоа е договорено на меѓупартиските преговори во Пржино, главна причина за прекинување на бојкотот на Парламентот е изборот на специјален јавен обвинител, една од обврските што произлегуваaт од договорот со меѓународно посредништво, за крај на политичката криза во земјава.

„Се враќаме за да го усвоиме законот за специјалниот обвинител, врз основа на кој ќе биде избран специјалниот обвинител. Овој закон е клучен во целиот процес, бидејќи од неговата содржина и надлежност ќе зависи и кандидатот што ќе биде избран на оваа позиција“, вели Заев, без притоа да ги коментира евентуалните кандидати за оваа функција, прифатливи за опозицијата, кои и натаму се тајна за јавноста.

„Добредојдени се, нека се вратат“, е кусата реакција на премиерот Никола Груевски на оваа најава од опозицијата. Викендов тој навести дека договор за оваа нова, досега непостоечка функција во Македонија е можен, со, како што рече, политичка волја.

„Мислам дека ако и другата страна е конструктивна како што ние сме конструктивни во овој процес и ако се има добра волја и од другата страна, ќе се завршат работите на време“, рече тој.

Работните групи кои треба да ги утврдат надлежностите но и кој ќе ја врши функцијата специјален јавен обвинител, ќе продолжат со работа на 17 август. Според Договорот, личноста мора да добие „амин“ од четирите политички партии, а за тоа крајниот рок е 15 септември.

Засега единствено е познато дека новиот специјален обвинител треба да ја истражува мега-аферата „Прислушување“ и аферата „Пуч“ во којашто е осомничен лидерот на опозицијата Заев. Исто така, тешко спроведлива во пракса ќе биде и идејата тој да биде странец, бидејќи според македонскиот Устав и актуелните закони, носителот на таква функција мора да биде државјанин на Македонија. Но, не се исклучува и можноста, евентуално ангажираниот странец да има советодавна функција во обвинителството.

Засега, преговорите по ова прашање одат тешко, потврди неодамна лидерот на ДПА Мендух Тачи, признавајќи дека единствен напредок досега е постигнат околу прашањата за изборите. Краен рок за имплементација на Договорот од Пржино е април 2016, кога треба да се одржат предвремени парламентарни избори.

XS
SM
MD
LG