Истражителите кои ја водат истрагата за минатогодишното соборување на авионот на Малезија Ерлајнс, летот МХ17 над источна Украина нашле фрагменти што може да дошле од руски проектил земја-воздух.
Холандски обвинители во соопштение од вторник кажаа дека истражителите од Белгија, Австралија, Украина, Малезија и Холандија, кои ја водат кривичната истрага по уривањето на малезискиот авион, испитуваат „неколку делови, кои може да се од системот на проектил земја-воздух Бук“.
Обвинителите кажаа дека деловите „се од особен интерес за кривичната истрага зашто може да дадат повеќе информации за тоа кој е инволвиран во уривањето на МХ17“. Истражителите, додаде тој, „ќе побараат помош од меѓународни експерти“, за да се утврди потеклото на деловите.
Истражителите кажаа дека во овој момент „заклучок не може да биде изведен дека има причинско-последична врска меѓу откриените делови и уривањето на летот МХ17“.
Летот МХ17 се урна на 17-ти јули минатата година во украинскиот регион Донецк, на територија држена од проруските сепаратисти кои се борат против украински владини сили. Сите 298 лица на него, во најголем дел Холанѓани, загинале.
Кон крајот на минатиот месец, Русија стави вето на нацрт резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за поставување меѓународен трибунал за гонење на одговорните за соборувањето на летот МХ17.