Технолошкиот гигант со седиште во САД, Гугл, вели дека се реорганизира за да го одвои профитабилните операции базирани на Интернет од другите свои, помалку познати иницијативи.
Главниот директор на Гугл, Лари Пејџ, соопшти во блог објавен во понеделник дека тој и коосновачот Сергеј Брин ќе раководат со нова холдинг компанија наречена Алфабет, која ќе врши надзор на оригиналната компанија Гугл што го вклучува сега многу познатиот пребарувач и популарниот видео сервис Ју Туб, заедно со неколку различни бизниси кои оригинално биле креирани по брендот Гугл, што сега ќе работат како посебни ентитети. Новите дивизии вклучуваат напори за продолжување на човечкиот живот, изградба на Интернет мрежи со голема брзина во неколку градови, служба за доставување со беспилотни летала, и истражувачка лабораторија за дизајнирање автомобил што сам вози.
Пејџ и Брин, кои го основале Гугл во 1998, ќе имаат позиции на раководител на Алфабет и нејзин претседател. Во блогот Пејџ објаснува дека „во технолошката индустрија, каде револуционерни идеи водат кон идни развојни области, не треба да бидете многу комотни ако сакате да останете релевантни“. Тој вели дека новата компанија Алфабет ќе им дозволи на новите, одвоени дивизии, независност да изведуваат и развиваат нивни нови иновативни напори.
Новата оперативна структура на Гугл ќе личи на онаа на американскиот финансиер Ворен Бафет, кој има во сопственост десетици компании преку неговата холдинг компанија Беркшир Хатавеј, од кои сите оперираат независно.
Организацијата исто така има за цел да ја задоволи загриженоста на инвеститори на Вол Стрит, кои бараа поголема транспарентност на целокупното финансиско здравје на Гугл заради загриженоста дека вниманието на компанијата било одвлечено од фокусирање на нивниот главен бизнис.