Линкови за пристапност

Повторно укината пресудата за случајот „Ровер“


Случајот, во кој меѓу другите е обвинет и поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски, е вратен на повторно судење.

Апелација по втор пат ја укина пресудата за случајот „Ровер“, во кој за убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев од 2001 година се обвинети десетимина, меѓу кои и поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски.

Ова денеска го соопшти Кривичниот суд во Скопје, наведувајќи дека Апелацискиот суд во првостепената пресуда од ноември минатата година констатирал „такви недостатоци, поради кои не може во целост да се испита во однос на нејзината правосилност и законитост“.

„Изреката на пресудата не била доволнo јасна и разбирлива, а во образложението не биле содржани доволнo причини за решителните факти што второстепениот суд смета дека се од битно влијание за законито одлучување“, се наведува во соопштението од судот.

Како уште една причина за враќање на случајот на повторно судење, се наведува и тоа што „судот при повторното судење не постапил во целост по дадените упатства, и не ги отстранил констатираните повреди“.

Во случајот „Ровер“, Бошковски беше обвинет за помагање на убиството на Тушевски, за што прво беше осуден на 12 години, а во повторениот судски процес, во ноември лани, беше осуден на десет и пол години затвор. Од другите обвинети, Зоран Трајковски беше осуден на осум и пол години, Ивица Ристиќ на седум, а Никола Негриевски на затворска казна од пет и пол години. Како непосредни извршители на убиството, судот на доживотна казна затвор ги осуди српските државјани Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ. На четворицата пресудата им беше изречена во отсуство бидејќи не се достапни за органите на прогонот. Инаку Љубе Бошковски во затворот Идризово е на издржување на седумгодишна казна затвор за нелегално финансирање на изборна кампања.

XS
SM
MD
LG