Линкови за пристапност

Кери на форумот на Асоцијацијата на јужните азиски нации


Меѓу дискутираните прашања биле територијалните несогласувања во Јужното кинеско море, иранскиот нуклеарен договор, годишнината на Хирошима и други.

Американскиот државен секретар Џон Кери директно ја повика Кина во четврток да престане да гради вештачки острови во Јужното Кинеско Море и да престане со градежните активности на спорните острови.

За време на регионалниот форум на Асоцијацијата на јужните азиски нации во Малезија неделава, дипломатите повторно имаа проблем да излезат со заеднички став по територијалниот спор. Кери тоа го нарече „клучно“ за одржување на слободата на навигацијата и прелетувањето во регионот. „И покрај уверувањето дека овие слободи ќе бидат почитувани, видовме издавање на предупредувања и обиди за ограничување последниве месеци. Дозволете ми да бидам јасен: САД нема да прифатат рестрикции на слободата на навигацијата и прелетувањето, или какво било друго законско користење на морето“, рече тој.

Кери ги поттикна државите да се определат за прекин на изградбата и милитаризацијата на делови во регионот во интерес на намалување на тензиите.

Кина, Виетнам, Малезија, Тајван и Филипините тврдат сопственост на оддалечени мориња кои се витални транспортни линии и води за риболов. Но, оваа година Пекинг ги ескалираше тврдењата на право на територија и градеше писти за да ги поткрепи тврдењата.

Во среда, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји кажа дека неговата држава запрела со проектите за преземање територија. Кери кажа дека се надева дека тоа е вистина, но тврдењето не е потврдено.

На друга тема, министрите за надворешни работи на Асоцијацијата на јужните азиски нации во четврток се согласија да го поддржат иранскиот нуклеарен договор, познат како Заеднички сеопфатен план за акција. Во изјава од четврток, министрите кажаа дека доколку договорот целосно е имплементиран, тоа ќе придонесе за градење доверба со ексклузивно мирољубивата природа на иранската нуклеарна програма.

Кери ја одбележа 70-та годишнина на американското нуклеарно бомбардирање на Хирошима, исто така во четврток, споредувајќи го влијанието на настанот со значењето на иранскиот нуклеарен договор.

„Невозможно е да не размислуваме за тоа, кажа Кери на разговорот со јапонскиот министер за надворешни работи Фумио Кишида на маргините на форумот:

„Нема сомнение дека тоа е многу моќно потсетување не само на влијанието на војната на луѓе и држави, туку ја нагласува и важноста на договорот што го постигнавме со Иран за намалување на можноста за повеќе нуклеарно оружје“.

Според проценките, 140.000 луѓе биле убиени како резултат на бомбардирањето на јапонскиот град Хирошима на 6-ти август 1945-та. Други 70.000 беа убиени кога американски авиони испуштија атомска бомба на градот Нагасаки три дена подоцна.

САД и нивните сојузници кажаа дека бомбардирањата помогнале да се заврши Втората светска војна.

Кери исто така рече дека тој и рускиот Министер за надворешни работи Сергеј Лавров зборувале за спогодбата за истражување на напади со хемиско оружје во Сирија.

Кери кажа дека се согласиле на формулацијата на нова резолуција на Советот за безбедност што ќе води кон истраги во тоа кој е одговорен за нападите и тој верува дека процесот ќе им дозволи на истражителите да ги повикаат извршителите на одговорност.

Министрите за надворешни работи и високи претставници на 26 држави присутни на форумот на Асоцијацијата на јужните азиски нации постапија по лепеза прашања, вклучувајќи ја кибернетската безбедност, помош при несреќи и заштита на животната средина.

XS
SM
MD
LG