Одрони, делови од покриви, дрвја, градежен шут, и неколку сантиметри густа кал и многу вода. Апокалиптичната слика на влезот во Тетово, неофицијалниот вториот град по број на жители во земјава, е многу поблиска до сцена од руралните индиски области.
Вторник, вообичаено е пазарен ден, но денеска единствено што ќе се брои и пребројува во градот под Шара се жртвите - засега официјално четири, и ќе се проценуваат штетите од вчерашното невреме, што за 40 - тина минути комплетно го смени ликот на градот. Прва на удар била ромската, со децении дива населба, од левата страна долж реката, при самиот влез во градот. Од синоќа, таа речиси е пуста.
Три од четирите жртви се од Шипковица
Сепак, најтешко и најтажно е во Шипковица. До најголем дел од куќите речиси и нема приод –селото е буквално заробено во наноси од земја, песок, камења, дрвја, прозорците се покриени со наноси од кал. Три часа траела битката на жителите со невремето. Стихијата буквално срамнила со земја десет куќи. Немоќни да се спротивстават на природата, пред нивните очи наносите влечеле деца, стари лица, возила. Велат, ваков ужас не паметат. Сепак, едно семејство е најголемиот губитник – остана без своите две дечиња, две од трите жртви на свлечиштето во селото. Најмалата жртва е бебе на само една ипол година, најстарата 83- годишен маж. Девојчето имало 14 години. Нивните тела надојдените матни води ги исфрлиле далеку од домот. Уште едно тетовско семејство денеска тагува по своето 7-годишно дете, чие тело е пронајдено во двор во Горна Речица. Друго пак, се` уште живее во агонија за судбината на 6- годишната ќерка, по која соселаните заедно со војската и кучиња трагачи ги пребаруваат поплавените подруми во селото.
„Мислевме дека целата планина се симна во селото. Страшно беше, немаше каде да одиме. Водата повлече едно дете, 150 метри надоле го носеше. Имаше среќа што луѓе долу го фатија и го спасија“, раскажуваат денеска жителите на Шипковица.
Од утрово и градската река Пена е вратена во своето корито. Калливите води и ѓубриштето се единствен сведок за тешката ноќ што ја минаа овдешните жители.
Неколку часа по поројниот дожд и силниот ветер, тетовци буквално живееја во агонија – без телефонска мрежа и струја, без вода за пиење. Некои пласираа фотографии и видео снимки преку социјалните мрежи, упатуваа апели до надлежните, ги бараа на терен, бараа помош. Дури доцна вечерта, прво градоначалничката на Тетово, Теута Арифи се појави на терен, а подоцна во најтешко погодените делови пристигна и премиерот Никола Груевски и министрите за внатрешни работи и за одбрана Митко Чавков и Зоран Јолевски.
„Овде е катастрофа. Ве снашла голема несреќа. Но се` што можеме ќе помогнеме. Во текот на ноќта нема што многу да се направи, но за неколку часа ќе се раздени. Ќе пратиме екипи за расчистување на патотот, екипи на ЕВН и поголема механизација максимално да помогнат. Ќе дојдат и екипи за проценка на штети. Лекови ќе стасаат уште вечерва“, им рече Груевски на жителите на Шипковица.
Арифи и Груевски беа и во тетовската болница, чиј еден дел исто така се наоѓа под вода.
„Во текот на ноќта 16 лица побараа помош директно во болницата, а на терен екипите пружиле помош на повеќе од 30 лица. Повредените се жалат на набиеници и удари од камења“, вели директорот на Клиничката болница Флорим Бесими.
Она што во моментов е најпотребно е вода за пиење за најпогодените села и за градот, но и мерки со што би се спречиле евентуални зарази.
Градежниот шут и неконтролираната сеча на Шара – причина за катаклизмата?
Жителите на подшарпланинските села се уверени дека вчерашната трагедија можела да се избегне со поголема контрола од локалните власти.
„Ова е последица на она што се гради. Сите градежни материјали што ги однесоа горе во Расадниште, па го рамнат, и сето тоа сега дојде овде“, смета жител на Шипковица.
„Со години се трупа градежен шут на планината. Поради невремето, тој се лизна надолу, од што и настрадаа децата и луѓето“, вели жител од Мала Речица.
Повеќе од една деценија е стара идејата за прогласување на Шар Планина за национален парк. Последниве неколку години, таа иницијатива се засили, откако тетовските планинари при секоја посета на планината алармираа за нови оштетувања на природата, дива сеча, пробивање патишта, дивоградби, диви градежни депонии. Единствена пречка досега беше одбивањето на локалното население, кои идејата ја сфаќаат како „оградување на планината со ѕид“. Оваа трагедија можеби сепак ќе им го промени мислењето. Утре и задутре во Тетово се денови на жалост.