Линкови за пристапност

Имиграцијата во фокус на првиот претседателски форум на републиканците


Во четврток ќе се одржи првата официјална дебата на кандидатите од Републиканската партија, а демократите се` уште немаат објавено распоред.

Имиграцијата беше главен фокус во понеделникот навечер кога републиканците, кои се надеваат дека ќе бидат наредниот американски претседател, зедоа учество во форум пред првата партиска официјална дебата.

Четиринаесет од 17-те поголеми кандидати беа во Њу Хемпшир за двочасовен настан пренесуван на националната телевизија на истата кабловска мрежа што пренесува активности во Конгресот и на локални канали во првите држави каде ќе се гласа во процесот на номинација на почетокот на следната година.

Милијардерот Доналд Трамп, сегашниот лидер во националните истражувања на јавно мислење, одби да учествува, како и поранешниот гувернер на Арканзас Мајк Хакаби.

Останатиот дел од кандидатите наизменично зборуваа во поединечни интервјуа, формат различен од дебатата планирана за четврток, во Кливленд. Охајо, што ќе им овозможи на кандидатите да се обраќаат еден на друг. Тој настан ќе биде ограничен на врвните 10 кандидати во националните анкети, според партиските правила.

Тие се фокусираа на критикување на демократите, особено на водечкиот кандидат на партијата, Хилари Клинтон, додека ја изразија потребата за фокусирање на обезбедување на националните граници како голема компонента на имиграционата политика.

„Додека не ја осигураме границата, нема да запре“, рече поранешниот гувернер на Тексас, Рик Пери. „Тоа е како сериозна рана, и сакате да го запрете текот, и тоа во нашата земја сега не се случува“.

Поранешниот гувернер на Флорида, Џеб Буш, кажа дека еден дел од имиграционата реформа би требало да го ограничи бројот на луѓе на кои ќе им биде дозволено да влезат во државата. Сенаторот од Флорида, Марко Рубио исто така ја поддржа идејата.

„Ние примаме еден милион луѓе годишно легално во САД, но тоа главно го правиме врз база на тоа дали или имаат или немаат роднини кои живеат овде“, кажа Рубио. „Не можеме да си дозволиме така да продолжиме“. Во 21-от век легалната имиграција мора да биде заснована на вредности, со што можете економски да придонесете, всушност дали доаѓате да бидете Американец или само да живеете во Америка.“

Поранешниот сенатор од Пенсилванија Рик Санторум се заложи за 25-процентно намалување на бројот на ниско-квалификувани работници на кои им се дозволува влез во државата. Гувернерот на Охајо, Џон Касик, кажа дека би требало да има експанзија на програмата на гости-работници и дека на илегалните имигранти кои во секој друг поглед го почитуваат законот, би требало да им се дозволи да останат.

На други теми, гувернерот од Висконсин, Скот Вокер, го нападна планот на претседателот Барак Обама претставен во понеделник за намалување на емисијата на јаглерод од централите во државата, нарекувајќи го скап за американската економија.

Демократската партија на Обама се` уште не објавила план за дебати меѓу нивните кандидати за изборите во ноември 2016-та. Петмина демократи објавија кандидатура, со Клинтон на водечко место според анкетите.

Сенаторот од Јужна Каролина, Линдзи Грем, целеше на Клинтон на понеделничкиот форум, сугерирајќи дека таа е неискрена во врска со немањето став по предложениот нафтовод Кистоун и нејзиното контроверзно користење на лична имеил адреса за време на служењето како државна секретарка во администрацијата на Обама.

„Кога ни вели – Верувајте ми, ги имате сите имеил пораки што ви требаат, не сме виделе ништо под површината“, кажа Грем.

Настанот на Фокс Њуз во четврток ќе вклучи некои од истите теми, како и Трамп, додека кандидатите учествуваат во првите 12 дебати планирани од Републикански национален комитет.

XS
SM
MD
LG