Линкови за пристапност

Големо невреме во тетовско со жртви и повредени


Од Тетовска болница потврдуваат дека досега се регистрирани 4 жртви, а 16 побарале помош директно во болницата, додека на терен екипите пружиле помош на повеќе од 30 лица

Три деца на возраст од 7, 14 и 15 годишна возраст и 83- годишен жител на Шипковица се четирите официјални жртви на поплавите што вчера попладне го зафати Тетово и тетовско, а се трага по уште едно 6- годишно девојче.

„Повредени се засега 11 лица, најмногу од Шипковица, Селце Џепчиште и Мала Речица. Дел од нив се уште се на болничко лекување, а дел се пуштени дома“, соопшти денеска портпаролот на тетовската полиција Марјан Јосифоски.

Засега не може да се прoценат штетите што 30- минутното невреме ги остави зад себе во овој регион – огромни количiни шут, смет, дрвја и камења што со себе ги носеше надојдената градска река Пена завршија во најблиските куќи и деловни објекти. Однесен е и Вратничкиот мост меѓу селата горно Орашје и Нераште. Според досегашниот увид на теренот, најлоша е состојбата во Шипковица и Горна Речица, додека во градот Тетово, најтешко е погодено Ромското маало од каде синоќа населението било делумно евакуирано.

По повеќечасовна агонија, и повици за помош, во тетовско прво на терен излезе градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, а потоа дојде и премиерот Никола Груевски.

„Разговарав со десетина луѓе од различни институции за што побрзо да им се помогне на луѓето од погодените места. Бевме во Голема Речица и таму состојбата е навистина лоша. Од разговорите со жителите ми беше кажано дека дошло до излевање на реката од надојдените води. Има и информации за жртви и сакам да им упатам сочувство до семејствата на настраданите“, изјави доцна синоќа премиерот Груевски по посетата на болницата.

Од Тетовска болница потврдуваат дека досега се регистрирани 4 жртви, а 16 побарале помош директно во болницата, додека на терен екипите пружиле помош на повеќе од 30 лица – главно поради здобиени набиеници и удари од камења.

Апокалиптично невреме вчера попладне зафати и други региони од Македонија. Под вода се најде и Прилеп, откако обилниот дожд зад себе остави улици полни со вода, потопени паркови и игралишта, но за среќа без жртви. Невремето во Штип предизвика пожар во куќите во близина на Исарот, а повеќе кавадаречки села и натаму се без струја поради дефекти.

Од рано утрово на терен во тетовско се и припадници на АРМ, а Владата денеска ќе одржи итна седница за состојбите по поплавите во Тетово.

Од Управата за хидрометеоролошки работи и најавуваат ново невреме за попладнево, главно во западните и југозападните делови на земјата.

XS
SM
MD
LG