„Сметаме дека актуелната владина коалиција нема ни легитимитет ни кредибилитет да спроведе попис, бидејќи таа сè уште не даде никаков отчет за причините поради кои пропадна пописот во 2011-та година и не презеде никаква одговорност за ова свое големо и сериозно промашување“, се вели во соопштението до јавноста кое денес го испратија над четириесет невладини организации.
Граѓанските активисти реагираат на највата на преимерот Никола Груевски дадена на последната парламентарна седница, за намерата на власта да организира попис, како и набавка на адекватна опрема за пописот да се спроведе главно на електронски начин. Премиерот ова го образложи како обид да се избегнат проблемите од последниот неуспешен обид за спроведување попис.
Невладините опрганизации обвинуваат дека Груевски излегол во јавноста со тврдење дека Владата спречила фалсификат, но дека „ до денешен ден ниту надлежните институции презедоа нешто, ниту некој одговараше за обид за фалсификат на пописот. Граѓаните не само што не знаат зошто пропадна пописот, не знаат ни колку милиони евра се одлеаја од државниот буџет за оваа пропадната операција. Единствено што беше јасно е дека причините за неуспешноста на пописот не се технички, туку имаат длабока политичка заднина“.
Нарекувајќи го Груевски „премиер во оставка“, граѓанските активисти ја оценуваат неговата најава дека до крајот на годината ќе биде набавен софтвер кој ќе овозможи електронско поврзување на матичните евиденции - за пописот да биде во најголем дел електронски, како „несериозна и претставува само уште една манипулација и намерно дефокусирање на јавноста и на граѓаните. Уште повеќе, затоа што планираното „техничко-технолошко“ решение не ги задоволува критериумите за спроведување реален попис на населението според меѓународните стандарди“.
Според НВО-потписниците на соопштението, „фактот дека, во изминатите три години, актуелната Влада не направи ни најмала подготовка за спроведување регуларен попис, како и фактот дека најавата за негова реализација доаѓа во моментот кога започна спроведувањето на договорот од 2 јуни, го наметнуваат заклучокот дека е ова само евтин пропагандистички обид на Груевски да го одвлече вниманието на јавноста од главните приоритети“.
Според невладиниот сектор, и најавата за електронски попис, како и однесувањето на Владата последните денови - завршувањето на контроверзниот процес на лустрација и повлекувањето на законот за хонорарците, на пример, „недвосмислено упатува на констатацијата дека таа е подготвена да направи сè за да го минира спроведувањето на Договорот од Пржино и да го осуди на неуспех“. Затоа, невладините организацци потенцираат дека „Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ нема никаков кредибилитет да подготви и да спроведе каков било попис на населението“.
Меѓу граѓанските организации кои се потрписници на реакцијата на најавата на премиерот Груевски сеНВО Инфоцентар, ЦИВИЛ – Ценатр за слобода, Македонски центар за европско образование, Осми Септември, Ајде – Платформа за граѓанска политика, Фондација Отворено општество – Македонија, Хелсиншки комитет за човекови права, Транспарентност Македонија, Хелтгрупер, ЛГБТИ Центар, Метмарофозис, Плоштад Слобода, Граѓанска иницијатива Го сакам ГТЦ, Центар за културно наследство, Прогрес Институт, Амбрела, АМАН, Паркобрани,, Акција Плус - Ресен, , Форум ЦСИД, ЦОРЗ Дебар, Рурална Коалиција, Организација на жени - Струмица, Иницијативен глас – Прилеп и Младинска алијанса Тетово.