По вчерашната изјава на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој за медиумите изјави дека разговорите за политичко решение на кризата завршиле без успех, денеска Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одржа седница на која било заклучено дека „нема веќе простор за нови одстапки, и особено не во делот на организација на владата за подготовка на наредните избори“.
„Промена на министри и премиер е нешто што ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати. Го поздравуваме напорот на претставниците на меѓународната заедница и уште еднаш потврдуваме дека сме подготвени за имплементација на договорот од 2-ри јуни, но нагласуваме дека немаме намера да продолжиме со отстапките на нелогичните барања на СДСМ“, пишува во соопштението.
За ВМРО-ДПМНЕ било неприфатливо да учествува на преговори се` додека СДСМ „ја манипулира јавноста со илегално стекнати и монтирани материјали“.
Со реакција на овој став на ВМРО-ДПМНЕ се огласи опозицијата.
„Со заклучоците на Извршниот комитет, ВМРО-ДПМНЕ директно потврди дека го кршат договорот од 2-ри јуни на којшто се обврза Груевски лично, со својот потпис“, се вели во реакцијата на СДСМ на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
„Груевски во договорот на 2-ри јуни се согласи на организација на влада којашто треба да спроведе фер и демокрaтски избори, но потоа се исплаши токму од тие фер и демократски избори и затоа се обиде да го одолговлекува преговарачкиот процес“, вели СДСМ.
Попладенво, со своја анализа за соcтојбите во Македонија се огласи Mеѓународната кризна група. Групата во најновиот извештај констатира дека „државниот апарат е заробен и корумпиран од водечката политичка партија“.
„Многумина кои треба да се одговорни за справување со незаконитости самите се вмешани во нив“ а таквите сознанија произлегле од објавените ленти од прислушувањето, кои откриле дека владини личности планирале да ги попречуваат изборите, да манипулираат со судовите, да ги контролираат медиумите и да ги казнуваат непријателите", пишува во извештајот на МКГ.
МКГ вели дека дискредираните државни институции не можат да се справат сами со кризата, а Европската унија треба да притиска за постигнување на сеопфатен договор, кој ќе вклучи воспоставување привремена влада од сите главни политички партии која ќе ги спроведе сите барани реформи што ќе доведат до кредибилни избори.
МКГ заклучува дека премиерот Никола Груевски и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, „играат покер со висок ризик околу преговорите спонзорирани од ЕУ, додека нивни активисти им даваат заднинска поддршка".