Линкови за пристапност

Најатрактивна европска држава за македонските иселеници е Германија


Во Македонија последниве пет години се доселиле 17.912, а се отселиле 5.592 лица.

Скопје, Охрид и Тетово се македонските градови од каде најмногу граѓани се иселиле. Ова го покажува статистиката во публикацијата „Миграции 2014“ на Државниот завод за статистика, прва што ги прикажува податоците за внатрешната и надворешната миграција во земјава и го покрива периодот од 2010-та до 2014-та.

Според овој официјален документ во период од 5 години, вкупно во Македонија се доселиле 17.912, а се отселиле 5.592 лица. Од оние кои се отселиле, 5.081 лице се македонски граѓани.

Град од кој минатата година најмногу се иселиле е Скопје - 1.786 лица, по него следува Охрид со 643 иселени лица, па Тетово со 446 иселени, Куманово со 399, Струга со 353, Битола со 321, Гостивар со 278, Прилеп со 240 и Штип со 200 иселени. Сепак, претпоставките на експерите се дека бројките се далеку поголеми, бидејќи многумина од иселените се без регулиран престој, но и тоа што во Македонија последниот попис на населението и домаќинствата е спроведен во 2002-та. Во прилог на ова, се и податоците на Светска банка, според кои од 1998 и 2012 година, 447.137 македонски државјани ја напуштиле земјата и заминале во странство, како и оние на „Евростат,“ според кои во истиот период 230 илјади луѓе од Македонија се стекнале со регулиран престој во странство, од кои околу 50 отсто се на возраст до 30 години. И повеќето испитувања на јавното мислење изминативе години, покажа дека најчесто на овој чекор се определуваат младите, невработени, луѓе во потрага по работа што ќе им донесе подобар стандард.

Тенденцијата на заминување на Македонците во странство не е нова. Започна уште во периодот на транзиција и продолжува до денес. Само лани од земјава заминале 839. Најголем број од нив, 415, се на возраст од 30 и 60 години. Иако како главни причини за заминувањето се невработеноста, малите плати, брак, образование, привремена или постојана работа во странство, податоците во публикацијата велат дека најголем процент од нив (307 лица) ја избрале графата „се`'“.

Официјалните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека најпосакувана дестинација за оние кои заминуваат по подобар живот се САД, а од европските држави- Германија. Во споредба со другите категории, 279 од иселените лани се „активни“, односно лица кои имале вработување.

„Во Република Македонија, за жал, имаме една таканаречена „оne way ticket“ емиграција или едноставно класично отселување. Подигнувањето на куферот значи и раскинување на можностите за постојано живеење во оваа земја, нешто што морам да кажам дека другите земји го немаат во ваков жесток вид. Ова е карактеристичен процес и за Источна и за Западна Македонија и за сите етникуми кои живеат тука“, смета професорот Ѓорѓи Тоноски, кој работи на независно истражување за миграционите поцеси во земјава.

Тезата на овој универзитетски професор ја потврдуваат и неколкумина млади луѓе со кои разговаравме.

„Познавам неколкумина кои се во Америка и по неколку години, без регулиран статус, но немаат намера да се вратат. Други, пак, склучуваат бракови. Но она што е најактуелно последниве неколку години е работата на брод“, вели еден 29- годишен Тетовец, кој неколку години живее во Скопје и од есен заминува на работа на брод.

Триесет и едногодишниот Александар Николоски, пратеник во Собранието од владејачката ВМРО- ДПМНЕ, признава дека големиот број иселувања е сериозно и тешко прашање, и голем предизвик за Македонија. Но смета дека актуелната власт во континуитет презема мерки тоа да се спречи.

„Напорите се насочени кон отварање на нови работни места и што подобра перспектива на младите. Секако, тоа не е лесен процес, но кога во 2006 година како ВМРО-ДПМНЕ за прв пат го добивме мнозинството во парламентот, 38% од населението беше невработено, бројка според која бевме апсолутен рекордер во Еропа во тоа време. Сега таа бројка е на 26%, што секако не е големо намалување, но подобро од претходно. Најважно е сепак, што вложуваме и во образованието во Македонија која нема природни ресурси, нема излез на море, па затоа од големо значење е вложувањето во доброто образование“, вели Николоски, додавајќи дека отворањето на границите колку што имало предбости, имало и негативности.

Но, сите се согласни дека проблемот со миграцијата бара многу сериозен пристап од институциите, а не краткорочни решенија и дека без длабоки системски чекори проблемот може да биде погубен за Македонија.

XS
SM
MD
LG