Ватикан објави значајно писмо од папата Францис во кое се вели дека глобалното затоплување е главно предизвикано од човекот и го нарекува како едно од најважните прашања на денешницата.
Енцикликата на 191 страница објавена во четвртокот вели дека „многу цврст научен консензус индицира дека во моментов сме сведоци на вознемирувачко затоплување на климатскиот систем“.
„Човештвото е повикано да ја признае потребата за промена на начинот на живеење, производство и конзумација, со цел да се бори притив ова затоплување или барем против човечките причинители што тоа го продуцираат или влошуваат“, се вели во писмото.
Папата Францис исто така ја нагласи важноста на борба против загадувањето и заштитата на снабдувањето со вода. Тој повикува и на престанок на натамошното интензивно користење на фосилни горива и вели дека таканаречените кредити за јаглероден диоксид не се ефикасни.
Енцикликата, што е втор по ранг документ кој папата може да го издаде , доаѓа пред неговата септемвриска посета на САД и голема конференција за климатските промени организирана од ОН во Париз, подоцна годинава.
Документот одразува продолжение на релативно прогресивниот став што го зазема папата родум од Аргентина. Тој исто така ја повика црквата да биде поотворена спрема хомосексуалците и да не става непотребен фокус на контроверзните прашања поврзани со абортус и истополови бракови.
„Хомосексуалец кој верува во Бог, кој има добра волја – кој сум јас да го осудувам?“ кажа папата во 2013-та како дел од одговорот на извештаите за хомосексуални членови меѓу свештенството во Ватикан.
Ставовите се гледаат како големо свртување од јавните становишта на претходниците на папата Францис, и вознемири многу конзервативни членови на црквата со 1,2 милијарди членови.