Линкови за пристапност

Министрите на земјите од Западен Балкан разговарале за справување со миграциите


На состанокот во Охрид станало збор и за развивање на економските врски

„Регионот на Западен Балкан има многу значајни заеднички работи кои се случиле, но она што е најзначајно е фактот дека имаме заедничка идинина во рамки на европското семејство“, беше еден од заклучоците на министрите за надворешни работи од земјите на Западен Балкан од денешниот состанок на Централно-европската иницијатива (ЦЕИ) што се одржа денеска во Охрид.

Како што истакна домаќинот на средбата, министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски, ЦЕИ е регионална организација која е пред се` формирана за интегрирање на сите земји од овој регион во рамки на ЕУ.

„Денес разговаравме за нашата одлучност да градиме добрососедство и да ја зајакнеме регионалната соработка. Мисијата на ЦЕИ е во прв ред да се погрижи остатокот од балканските земји кои не се дел од ЕУ да станат нејзини членки и тоа да биде единствениот рецепт за постигнување стабилен, безбеден и просперитетен регион“, изјави Попоски за новинарите.

Во вториот дел од состанокот се разговарало за економијата, инвестициите и инфраструктурното поврзување во патна, железничка и енергетска мрежа.

„Се согласивме дека овој тип на соработка во рамки на ЦЕИ може да биде засилен. ...Договоривме неколку проекти и декларации една од нив се однесуваше и на справувањето со миграциите кои во овој период имаат особено значење за нашиот регион бидејќи сме соочени со трендови кои не биле видени во минатото и за кои одговорот на ЕУ мора да ги земе предвид и предизвиците со кои се соочуваме ние како регион“, додаде министерот Попоски.

Генералниот секретар на австриското МНР Мајкл Линхард оцени дека Македонија имала успешно претседавање со ЦЕИ, работејќи на многу важни теми.

„Нашата главна тема беше синергија, а вашата е интерконективност. Синергијата и интерконективноста се многу блиски. Ова поврзување е прашање на кое многу може да помогне ЦЕИ особено во контекст на ЕУ. Во врска со миграциите мислам дека мораме тесно да соработуваме со земјите од Западен Балкан. Уште едно прашање кое ќе се разгледува во Виена е работата на младите и нивна миграција, односно иселувањето“, нагласи Линхард.

Состанокот на министрите за надворешни работи од земјите на Западен Балкан заврши попладнево во Охрид со усвојување на заедничко коминике во кое се наведени приоритетите за наредниот период, а тоа се интеграција на сите земји од Западен Балкан во Европската унија и инфраструктурно поврзување што ќе биде и една од главните теми на претстојниот Самит во Виена.

XS
SM
MD
LG