Линкови за пристапност

Американската амбасада демантира секаков заговор против Македонија

  • Синиша Станковиќ

Амбасадата во Скопје вели дека наводите за вмешаност на САД во дестабилизација на Македонија се апсурдни.

„Неодамнешните обвинувања дека САД или некои американски организации се инволвирани во заговор да ја дестабилизираат Македонија се апсурдни. САД сакаат мир и стабилност во Македонија, како дел од нашата долгорочна цел - Европа цела, слободна и мирна. Македонските граѓани и нивните лидери безгранично сакаат да се придружат кон Европската Унија и НАТО, знаејќи дека тоа е најдобриот пат до сигурност и просперитет во Македонија. Ние комплетно ја споделуваме таа цел“, се вели во одговорот на Американската амбасада во Скопје, на барањето на Гласот на Америка на македонски јазик, за коментар по повод изјавите на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

На неговите изјави, според кои, Запад е вмешан во наводен заговор за дестабилизација на Македонија, вчера реагираа бугарскиот шеф на дипломатијата и македонското МНР.

Во федералното собрание на Русија, Лавров одговарајќи на прашања, истакнал и дека постои опасност од поделба на Република Македонија меѓу Албанија и Бугарија: „Во тек се обиди владата на Никола Груевски да се обвини за некомпетентност, како и за тоа дека не ги извршува своите обврски кон граѓаните, а му се препишува и многу повеќе. Но, зад сето тоа стои желбата да се влијае врз него поради одбивањето да се приклучи кон санкциите за Русија. Ние од релевантни извори знаеме дека врз него е вршен притисок и во врска со тоа што тој своевремено го поддржа Јужен тек во интерес на македонските граѓани и државата. Сега, тој покажува подготвеност за соработка по повод реализацијата на други варијанти на испорака на енергенси од Русија на југот на Европа, како што е Турскиот тек. Многу е жално и опасно што во постигнувањето на целта на подривање на Груевски се користи и албанскиот фактор“.

Според Лавров кој истакнал дека се` што се случува во Македонија, Русија го сфаќа исклучително сериозно, биле во тек разговори Македонија „да се федерализира или да се направи тивка федерација, или дури конфедерација, па дури се изнесуваат идеи таа да се подели меѓу Албанија и Бугарија“.

XS
SM
MD
LG