Линкови за пристапност

Заврши лидерската средба со договор - за нова средба

  • Соња Трајковска

Претставниците на четирите најголеми партии во Македонија разговарале за принципите на преговарањето.

Без резултат заврши денешната средба на лидерите на четирите најголеми политички партии во Македонија – ВМРО- ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, втора за неполна недела. Единствено е договорена нова ваква средба на 26-ти мај. Изјава за новинарите даде само лидерот на СДСМ Зоран Заев, додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски рече дека изјава ќе дал вечерва. Али Ахмети и Мендух Тачи ги избегнаа камерите.

За преговорите да напредуваат треба да се утврдат принципи за преговарање, да се обезбеди рамноправност на сите преговарачки страни и гаранции дека тоа што ќе се договори навистина ќе се почитува, рече Заев.

„Нашите позиции и нашите барање се јасни - потребна е независна институција што ќе биде влада во одреден период и ќе ја подготви Македонија за фер и демократски избори“, изјави Заев по средбата во Клубот на пратениците.

Тој сепак остави простор за напредок на средбата со Груевски во Стразбур утре, каде се очекуваат предлози од претставници на Европската комисија.

И на денешната лидерска средба како и на претходната во улога на набљудувачи беа амбасадорот на САД и на ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав. Лидерите на четирите партии стасаа со по еден придружник. Заев го придружуваше универзитетската професорка Рената Десковска, Груевски , министерот за надворешни работи Никола Попоски, Али Ахмети дојде со Артан Груби, а Мендух Тачи беше во придружба на портпаролот на партијата, Луан Треси.

Според договорот од минатата недела, денеска секоја партија требаше да понуди рамка за преговори, односно теми за кои смета дека треба да се разговара за да се најде решение за политичката криза во земјава. Лидерите на ВМРО–ДПМНЕ и на СДСМ, Груевски и Заев, утре во Европскиот парламент во Стразбур, ќе се сретнат со европарламентарци. За таа цел, на лидерот на СДСМ Заев му беше вратен пасошот, што му беше одземен поради случајот „Пуч“.

XS
SM
MD
LG