Властите во Босна уапсиле 12 лица осомничени дека се бореле за милитантната група Исламска држава.
Обвинителите во соопштение од петок велат дека притворените биле обвинети за илегално учество во конфликти во Сирија и Ирак.
Новинската агенција Ројтерс известува дека апсењата уследиле по рации во целата држава последниве осум месеци, за време на кои биле запленети бомби, оружје, муниција и армиска опрема.
Владини претставници во Босна проценуваат дека најмалку 150 Босанци ја напуштиле земјата да се борат за Исламската држава на Блискиот исток.
Радикалните исламисти беа реткост во Босна пред тригодишната војна во регионот што заврши во 1995, што привлече тврдолинијашки муслимански борци од други области да помогнат во борбата на Муслиманските Босанци против Србите и Хрватите. Тие борци се обвинуваат за ширење на нивната радикална идеологија меѓу поумерените Босанци.