Линкови за пристапност

Чавков и Мисајловски – нови министри во владата на Груевски


Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески доцна синоќа поднесоа оставки, а по нив следуваше и оставката на Сашо Мијалков.

Денеска попладне, Собранието ги изгласа Митко Чавков за нов министер за внатрешни работи и Владо Мисајловски за министер за транспорт и врски, откако претходно ги констатираше оставките на Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески.

Јанкулоска и Јанакиески доцна синоќа поднесоа неотповикливи оставки во Владата на премиерот Никола Груевски. Веднаш потоа премиерот до Собранието поднел предлози за пополнување на двете функции во Министерствата за внатрешни работи и за транспорт и врски. По оставките на двајцата министри, следуваше и оставка на првиот човек на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, инаку близок соработник на Груевски.

„Во изминативе години не штедејќи време и енергија работев професионално и посветено секогаш раководејќи се од интересите на граѓаните и пред се раководејќи се од интересите на Македонија“, пишува во оставката на екс министерката Јанкулоска, која воедно се заблагодарува за „за дадената доверба, на семејството и пријателите за разбирањето и поддршката и на најдобриот тим, соработници од МВР со кои беше задоволство да се соработува секогаш во интерес на Македонија!“.

Јанакиески, оставката ја објави и на социјалните мрежи.

„Благодарност на сите кои во овие девет години ми дававте поддршка“, напиша тој на својот профил на Фејсбук. Во писмената оставка до премиерот пак, тој наведува дека „гледајќи ја политичката состојба во РМ, и сите обвинувања кои се прават кон мене со разни лепени, монтирани, исечени и креирани разговори од кои не беа поштедени ни членови на моето семејство, а со цел да не влијаат на каква било постапка, Ви ја доставувам мојата неотповиклива оставка од позицијата министер за транспорт и врски“.

Мијалков во оставката наведе дека „најголема чест во животот е да служиш на својата татковина Македонија на одговорна позиција“, но „во овие тешки денови, кога Македонија е во длабока политичка криза, ценам дека е време да се повлечам, верувајќи дека моето повлекување од функцијата министер за внатрешни работи, ќе придонесе за нејзиното надминување“.

Груевски, од своја страна, во образожението истакна дека „Јанкулоска и Јанакиески и Мијалков досега биле пример за раководење на тешки позиции и работливост“.

„Се работи за личности кои дадоа огромен личен влог, во развојот на стабилноста и безбедноста на државата. Јанкулоска и Мијалков беа осум години на многу ризични и тешки за раководење позиции. Покажаа професионалност и патриотизам, смиреност, неверојатна лојалност кон државата и секогаш подготвени да застанат под браникот на татковината“.

За Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, изборот на Митко Чавков, досегашен директор во Управата за јавна безбендост, за министер за внатрешни работи е „јасно, свесно и недвосмислено прекршување на Уставот“.

„Согласно Член 97 од Уставот на РМ, со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години. Орган на државната управа во областа на полицијата е МВР, а раководното лице е министерот за внатрешни работи. Според тоа, за да биде избран за министер, Чавков морал да биде цивилно лице најрано од април 2012 година. Имајќи предвид дека сè до мај 2013 година тој бил полициски началник, произлегува дека Чавков не го исполнува условот предвиден во Член 97 од Уставот на РМ“, се наведува во соопштението на Хелсиншкиот комитет.

Оставките на Јанкулоска, Јанакиески и Мијалков дојдоа три дена по полициската акција во Куманово во која загинаа осуммина полицајци, и ден по острите критиките на амбасадорите на САД, ЕУ, Велика Британија, Германија, Франција и Италија до премиерот Груевски.

Три месеци, тројцата, сега екс-владини функционери се споменуваа во телефонските разговори што ги објави СДСМ, кои наводно откриваат незаконски дејства на извршната власт.

Веќе една недела, во земјава се организираат граѓански протести, откако во една од „бомбите“ на опозицијата, се говори наводно за обиди да се прикрие убиството на Мартин Нешковски, момчето кое до смрт беше претепано од полициски службеник на денот на прославата на парламентарната победа на ВМРО-ДПМНЕ пред две години. По објавувањето на телефонските разговори, наводно меѓу владини функционери, се покрена и прашањето за пропусти во истрагата за загинувањето на новинарот и сопственик на „Фокус“ Никола Младенов.

Граѓанските протести организирани како „Протестирам“, повикуваат на оставка на целата Влада.

XS
SM
MD
LG