Линкови за пристапност

Договор за забавување на „џихадистичкиот протек“


Вашингтон и Анкара се близу до договор што ќе ја подобри соработката против заканата од организации како Исламската држава

Според американскиот амбасадор во Турција, Џон Бас, целта на предложениот безбедносен договор меѓу Вашингтон и Анкара е подобрување на соработката и споделувањето на информациите меѓу безбедносните сили меѓу обете земји во борбата против Исламската држава.

Анкара се соочи со критика од медиумите, дури и од своите сојузници, што дозволила земјата да стане „автопат за џихадисти“ за Сирија. Ваквите обвинувања беа упорно отфрлани од страна на турската влада, којашто за возврат ги обвини своите сојузници за неуспех во стопирање на џихадистите да ги напуштат своите земји.

Но дипломатскиот колумнист Семаја Идиз од весникот „Тараф“ и веб-страницата „Ал Монитор“, вели дека се чини оти изминативе неколку месеци Анкара ја сменила политиката со тоа што започнала акции за апсење и депортација на идни џихадисти.

Според извештаите, еден од клучните делови на планираниот безбедносен договор е да се подобри споделувањето на разузнавачите информации. Анкара на неколкупати се има пожалено на неуспехот на сојузниците во обезбедување навремени информации за идните џихадисти упатени за Турција. И покрај се` поголемиот број апсења на џихадисти и последователни депортации, остануваат шпекулациите околу определеноста на Анкара за елиминирање на Исламската држава, вели Соли Озел, кој предава меѓународни односи на Универзитетот Кадир Хас, во Истамбул.

„Турција прави многу повеќе од порано, но во Њујорк тајмс беше објавен напис за ѓубриво што може да се употреби како експлозив и кое било испраќано до терористи на Исламската држава. Така, тоа воопшто не е обврзувачко ембарго против ИД. Не мислам дека организацијата е приоритет за Анкара. И натаму сметам дека постои разлика меѓу турскиот и американскиот пристап. Не сум сигурен дека може наскоро да се премости“, изјави овој професор.

Анкара и натаму е со критичен став спрема Вашингтон заради приоритетот на борба против Исламската држава, тврдејќи дека изворот на нестабилност во регионот е сирискиот претседател Башар ал-Асад. Спорот му наштети на проектот поддржан од САД за обука на сириски бунтовници да се борат со Исламската држава. Според договорот потпишан во февруари, Анкара се обврза да обезбеди локации и да помага во обука и опремување на околу 3.000 борци.

Но програмата на неколкупати беше одлагана, наводно заради инсистирањето на Анкара дека борците треба да се користат против силите на Асад, како и Исламската држава. На брифинг за новинарите во петокот, заменикот-државен секретар Тони Блинкен беше запршан за очигледниот застој, на што тој продолжи да ја подвлекува важноста на Турција.

„Турција е критичен партнер во овој напор, а она што го гледаме е мошне тесна соработка во поширока смисла, во обид да се справи со заканата од страна на ИД“, подвлече Блинкен.

Набљудувачите велат дека важноста на предложениот безбедносен договор може да биде исто толку психолошка, колку и практична, преку напорите да се стават американско-турските односи на подобра основа. Експертите велат дека лошото чувство околу разликите во пристапот се закануваат да ја засенат важната улога што Турција може и натаму да ја игра во поддршката на американската политика во регионот.

„Тоа не значи дека обете земји би учествувале во заедничка воена операција во Сирија или дека ќе формира тампон-зона за која Турција се залага. Но јас мислам дека веројатно ќе значи објекти преку кои ќе се овозможат операции на беспилотни летала“, вели колумнистот Идиз.

Критиката од обете страни најверојатно ќе тврди дека безбедносниот договор нема да се посвети на длабоките разлики околу политиката спрема Сирија и борбата против Исламската држава. Но доколку договорот може да помогне за подобра соработка во деловите каде има несогласување, аналитичарите велат дека тоа ќе помогне во намалување на билатералните сомнежи и тензии во регионот.

XS
SM
MD
LG