„Има десет причини, зошто е неопходно отворање на нова истрага за смртта на новинарот Никола Младенов“, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев, на денешната прес конференција во партиското седиште, на која ги презентираше, како што рече, „доказите коишто јасно упатуваат дека постапката за смртта на Никола Младенов, случајно или намерно, власта на Никола Груевски ја водела непрофесионално, неодговорно“.
Заев денеска презентираше осум телефонски разговори, меѓу, наводно министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, портпаролот на МВР Иво Котевски, шефот на Кабинетот на премиерот Мартин Протуѓер и дел од СМС- комуникација наводно меѓу Јанкулоска и премиерот Никола Груевски, кои според Заев, докажуваат дека власта со „намерно прикривала клучни информации од јавноста“.
„Денеска, доказите и аудио разговорите ќе го отворат прашањето дали случајот Никола Младенов воопшто може да се затвори како трагична сообраќајна незгода или има доволно индиции да се покрене истрага, дали можеби некој ја предизвикал таа несреќа?“, рече Заев.
Тој потсети на прес конференцијата на Обвинителството и МВР од почетокот на јули 2013 година, три месеци по загинувањето на основачот и сопственик на неделникот „Фокус“, на која беа соопштени причината за смртта и други шест клучни работи: повреда од раскин на аортата, дека се отфрла судир со друго возило, дека не можело да се утврди каде бил Младенов пред трагичниот настан,
дека не е пронајден телефонот на Младенов, дека на местото на настанот не биле пронајдени фискални сметки, дека телото на Младенов било пронајдено на 7 метри од возилото, дека причината за несреќата е неприлагодена брзина на автомобилот кон условите на патот.
Сепак, според Заев, од телефонските разговори денеска, „е јасно дека ниту една од овие шест клучни работи не се точни“.
„Како е можно телото на Младенов да било пронајдено според трагањето по сигналот од неговиот мобилен телефон, а тој телефон никогаш да не биде пронајден?“, рече Заев, коментирајќи го првиот разговор, наводно меѓу Јанкулоска и Протуѓер, во кој се говори дека „лоцирањето на телото на Младенов било извршено со следење на сигналот од неговиот телефон“ и дека „МВР го проверувала телефонот на Младенов“. „Што крие телефонот на Младенов?“, праша Заев.
Според лидерот на СДСМ, спорно во истрагата е и што за овој случај бил назначен истражен судија кој „за прв пат работел на ваков случај и немал искуство“, и дека според признанието наводно на портпаролот Котевски, „направил утки во истрагата, но тоа не треба да се кажува во јавноста“.
„Непрофесионалното постапување во случајот, несоработката на УБК, назначувањето на неискусниот истражен судија, се втората доволна причина да биде отворена истрага за смртта на Никола Младенов“, рече Заев.
Сомнеж за целиот случај, според Заев, внесува и, како што рече, „некаква боја“ пронајдена на возилото на Младнов, за која, вештаците на МВР наводно не можеле да кажат колку е стара.
„Котевски вели дека таква информација не треба да излезе во јавноста затоа што тоа, според Котевски можело да направи многу забуни. Јанкуловска, од позиција министер за внатрешни работи, сосема лежерно се сложува со Котевски информацијата да се чува во тајност“, вели Заев.
Тој презентираше и комуникација по СМС пораки наводно на министерката Јанкулоска и премиерот Груевски, што според Заев, е доказ дека „и лично Никола Груевски бил запознаен со клучната информација којашто била сокриена од јавноста“.
„Денес во 14 ќе дојде истражниот во МРВ да му го објаснат кримтехничкиот извештај. Има една незгодна работа, на колата има малку боја од друга кола. За беља на судијава ова му бил прв случај и нашиве луѓе викаат дека баш не се снаоѓа најдобро“, се вели во пораката што ја презентираше Заев, наводно напишана од Јанкулоска до Груевски. „Кријат ли овие траги нешто друго?“, праша Заев.
Како други, како што ги нарече, „сомнителни“ елементи во истрагата, според Заев, се и фискалните сметки пронајдени од новинарот Томислав Кежаровски, кој тогаш пишува за весникот „Нова Македонија“, кои МВР тврди дека не постојат, дека не работеле камерите на патарините, но и дека телото на Младенов, според Записникот на МВР е најдено на 22,5 метри од возилото, а според Обвинителството на 7 метри. Заев презентираше и фотографии кои според него покажуваат „нелогичност“ во записникот за тоа како возилото на Младенов излетало од патот.
Но, сепак, она што според Заев, предизвикува вознемиреност во целиот случај е, као што рече „ злобата, нечовечноста, бесчувствителноста на првите соработници на Никола Груевски, кои потсмевајќи се, преку црн хумор, се ситат и се изживуваат со смртта на Никола Младенов“.
Во разговорите наводно на владините функционери, повеќепати се слушаат навредливи зборови за Младенов, како „хохштаплер, корумпиран, злобен“, како и за повеќе новинари, кои се нарекувани „комуњари“, „лудаци“ и „будалетинки“.
На крајот, Заев рече дека јавно дава збор оти по промената на власта во Република Македонија ќе била отворена нова темелна истрага за смртта на Никола Младенов.
„ВМРО-ДПМНЕ поддржува надлежните институции да спроведат нова истрага во случајот на трагичната смрт на новинарот Никола Младенов“, се вели во реакцијата на владејачката партија, по прес-конференцијата на лидерот на СДСМ.
„Немаме никаква дилема дека во овој случај е постапено одговорно, но заради потребата од целосната доверба во постапките и институциите поддржуваме нова истрага, под надзор на новинарската фела преставувана од здруженијата, луѓе од семејството, со увид на експерти-како што и секогаш во изминатиот период се залагаме за правна разрешница“, се наведува во реакцијата, при што повторно се потенцира дека „Заев повторно пушта сечени и креирани материјали преку кои прави класична злоупотреба на трагичната смрт на човек, исто како што направи во случајот со расчистеното убиство на Мартин Нешковски“.