Линкови за пристапност

До новинар во Македонија доставен посмртен венец


Courtesy: Biljana Jordanovska (CIVIL)
Courtesy: Biljana Jordanovska (CIVIL)

Новинарите одговорија на тоа што го сметаат за смртна закана кон нивниот колега

„По смртта на Никола Младенов, ништо не може да не изненади, со оглед на фактот што тој загина под сомнителни околности. Она што ние го бараме е полициска заштита за нашиот колега Борјан Јовановски, ако тоа не биде овозможено, ќе сметаме дека постои директно соучесништво на луѓето кои го направија овој злостор и властите, односно МВР. Оваа закана не смее да се премолчи“, изјави за медиумите уредничката во порталот Нова ТВ, Биљана Секуловска, по вчера доставениот посмртен венец на нејзиниот колега Борјан Јовановски, во неговата семејна куќа, со натпис „последен поздрав“. Наводно, непознато лице го предало венецот „од здружението Тодор Александров“ (контроверзна личност од македонската и бугарската историја во првата половина од 20 век, чие име се поврзува со бројни атентати врз политичките неистомисленици).

Откако неговата сопруга настанот го пријавила во полицијата, оваа „смртна закана“ предизвика жестоки реакции во македонската јавност.

Јовановски во моменотот бил службено во Брисел. Тој е уредник на порталот Нова ТВ и долгогодишен соработник и на Гласот на Америка на македонски јазик.

За медиумите Јовановски вчера изјавил: „Не знам што да кажам. Шокиран сум од нивото до кое е дојдена политичката култура на власта. Ова е чист примитивизам.“

Медиумите ја објавија и изјавата на неговата сестра и колешка, новинарката Светлана Јовановска, долгогодишен дописник од Брисел која, пак, деновиве е во Скопје. „Ова е нецивилизиран начин на изразување и станува опасен“, меѓу другото рекла Јовановска.

Како реакција на ваквиот настан, денес новинари – колеги на Јовановски, членови на неговото семејство, и бројни политичари и личности од јавниот живот, на мирен собир, му изразија поддршка со „враќање“ на венецот пред Владата, која ја сметаат за директно одговорна за атмосферата на закани и насилство во која живеат и работат критички настроените македонски новинари.

„Овој чин го сфаќаме како мафијашка порака од Фамилијата што ја владее Македонија до критичките медиуми и новинари, што не очекува сите од ред ако и се спротивставуваме на власта“, се наведува во соопштението на Новинарскиот пленум.

Новинарите бараат од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во рок од 24 часа да ги пронајде испраќачите на погребниот венец, а Никола Груевски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, јавно да го осуди морбидниот чин.

За разлика од вчерашната изјава на владеачката ВМРО-ДПМНЕ, во која се велеше дека „вакви настани за ВМРО-ДПМНЕ се целосно неприфатливи и штетни, како лично за новинарот Јовановски и неговото семејство, така и за целокупната атмосфера во државата“, денес следуваше поинакво соопштение.

„Денес дознавме дека всушност, Зоран Заев се крие зад здружението „Тодор Александров“ кое наводно го пратило венецот кај Борјан за да инсценираат однапред испланиран настан и да се соберат лица кои што се финансирани од Соросовата фондација и раководството на СДСМ. Оттука гледаме дека и ние, како ВМРО-ДПМНЕ, кои што со загриженост го испративме вчерашното соопштение, сме наседнале на евтина финта и на тоа наседнаа и оние граѓани кои што за момент поверуваа дека тоа со венецот на Борјан навистина се случило, при што на еден трагичен начин си го вмеша и своето семејство и се поигра со чувствата на луѓето. Можеме да замислиме само како трагикомично би звучеле разговорите и состаноците во СДСМ кога ова се планирало“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

На денешната прес-конференција на овој настан се осврна и лидерот на опозицијата Зоран Заев, кој во име на Социјалдемократскиот сојуз и во лично име, најостро го осуди “гнасниот, морбиден, кукавички, безобразен потег врз новинарот Јовановски и неговото семејство“.

Покрај Здружението на новинари, Македонскиот институт за медиуми, Македонската асоцијација на новинари, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги – АВМУ, како и голем број на граѓански активисти, реагираше и Комесарот на Советот за Европа за човекови права, Нилс Муизниекс, кој побара македонските власти сериозно да се позанимаваат со инцидентот околу новинарот.

„Ова е многу сериозен инцидент кој заслужува големо внимание од македонските власти. Ситуацијата со медиумите во земјата е влошена во последните неколку месеци, а овој случај, придонесува за сериозна загриженост. ... Крајно време е македонските власти да ја вратат безбедната и спокојна клима за медиумите да работат слободно. Клучно е што политичките лидери испратија недвосмислена порака дека закани, заплашување и насилство врз новинарите се неприфатливи и ќе бидат казнети“, порачал Муизниекс.

И претставничката на ОБСЕ за слободата на медиумите, Дуња Мијатовиќ, ги повика властите во Македонија веднаш да го истражат случајот: „Овој ужасен чин е дел и од онака кревката ситуација со слободата на медиумите во земјата и испраќа уште една порака дека критичките гласови треба да бидат замолчени. Ваквите работи се неприфатливи во едно демократско општество. Ги повикувам властите да започнат итна и темелна истрага“.

Покрај Јовановски, уште еден македонски новинар, Зоран Бојаровски, денес добил смртни закани на неговиот Фејсбук профил, по објавена колумна за, според него, „митовите и заблудите на самопрогласувањето на автокефалијата на Македонската православна црква“.

„Полицискиот службеник недвисмислено ми потврди дека имаат идентификација на лице со овие податоци и дека ќе ја известат најблиската полициска станица за да постапи по поплаката. Од полицијата ме известија дека откако ќе биде обавен разговор со можниот заканувач, ќе ме известат и ќе ми ги соопштат неговите лични податоци доколку сакам да покренам судска постапка“, изјави Бојаровски за порталот Плусинфо.

Тој вели дека ги известил претставниците на ОБСЕ кои искажале загриженост за случајот.

XS
SM
MD
LG