Линкови за пристапност

По инцидентот во Гошинце: Повик да не се наседнува на провокации


МВР вели дека областа е обезбедена и дека се направени и контакти со косовските власти за случајот.

Инцидентот кај караулата Гошинце предизвика големи реакции во овдешната јавност. Осуда и повик да не се наседнува на провокации, се реакциите на политичките партии и од власта и од опозицијата и од невладините организации.

„Нерасветлувањето на инцидентите од безбедносен карактер за коишто информира власта последниов период отвора можност за различни шпекулации и тензии“, се наведува во соопштението од опозицискиот СДСМ, во кое се изразува „сериозно сомневање во капацитетите на институциите“.

И од владејачката ВМРО- ДПМНЕ го осудија „терористичкиот настан во селото Гошинце“.

„Граѓаните на Република Македонија треба да останат смирени и да не дозволат реализација на сценарија чија цел е дестабилизација на земјата и загрозување на редот и поредокот. Сите политички чинители, поединци и партии треба одговорно да се постават во овие моменти, да се воздржат од манипулации и да не подгреваат тензии кои се единствено во теснопартиски и лични интереси“, се наведува во партиското соопштение.

За владејачката ДУИ, инцидентот во Гошинце е „акт кој и наштетува на агендата на Албанците во Македонија, како и воопшто на националната агенда“.

„ДУИ смета дека инцидентот кој што се случи во Гошинце е акт кој е пред се` на штета на албанската агенда во Македонија и во регионот. Граѓаните не треба да бидат вознемирени но истовремено не треба да дозволат да паднат во замка на таквите провокации. Ваквите провокации нема да не поместат од претходно утврдената платформа“, се вели во соопштението.

Невладината „Цивил“ побара лидерите на двете владејачки партии да излезат во јавност и во заедничка изјава да кажат дека ја контролираат ситуацијата и да ветат дека нема да поттикнуваат понатамошни меѓуетнички тензии.

„Во јавноста одамна се говори дека поттикнувањето меѓуетнички судир е крајната варијанта за спас на коалицијата на партиите на Никола Груевски и Али Ахмети, особено по обелоденувањето на снимките од прислушуваните разговори од опозицијата. Тензиите во Република Македонија во последните години се последица на дискриминаторските политики на коалицијата на власт, на кршењето на човековите права и на националистичката реторика, кои се само дел од атрибутите на нејзиното владеење“, реагираат од „Цивил“ на денешниот инцидент во Гошинце, и притоа бараат, како што велат, „рационално објаснување за целата ситуација поврзана со наводниот напад на УЧК на македонска почва“.

Во меѓувреме, портпаролот на МВР Иво Котевски соопшти дека во Гошинце и во околината се распоредени единици на полицијата, дека теренот околу караулата Гошинце, која ноќеска беше нападната, се обезбедува и се создаваат услови за непречено и безбедно одвивање на увидот. Тој додаде и дека се направени и контакти со косовските власти и оти за утре се очекува да се одржат состаноци на највисоко ниво, и дека комуникација и состаноци ќе има и со српските безбедносни структури.

XS
SM
MD
LG