Линкови за пристапност

ЕУ изрази сериозна загриженост за состојбите во Македонија


Советот ги повика полтичките лидери да воспостават конструктивен дијалог

Советот на министрите на ЕУ денска на своето заседание во Луксембург испрати порака за загриженост околу развојот на ситуацијата во Македонија.

„Советот изразува многу сериозна загриженост поради влошувањето на ситуацијата во земјата особено во владеењето на правото, фундаменталните права и слободата на медиумите кои се срцето на демократските вредност на ЕУ и нејзината политика на проширување“, вели заклучокот на ЕУ.

Шефовите на дипломатии на земјите членки на ЕУ бараат проблемите да ги решат политичките лидери во интерес на граѓаните на земјата, владеењето на правото и политичката стабилност.

Советот ги повика полтичките лидери да воспостават конструктивен дијалог и итно да се најде трајно решение како и да се врати довербата во институциите.

„Сите обвинувања треба да се истражат од страна на релевантните власти вклучително и обвинувањата за можните злоупотреби кои се објавуваат“, вели Советот на ЕУ и бара снимките што ги објавува опозицијата да бидат истражени со почит на принципот на презумпција на невиност и независност на судските органи.

Денеска во Брисел во рамките на регионалната конфереција за развој на инфраструктурата на Западниот Балкан присуствуваше и премиерот Груевски кои имаше можност во рамките на овој настан да оствари средба со комесарот за проширување Јоханес Хан.

„Владеењето на правото мора да се почитува и мора да има целосна истрага. Од друга страна, ја повикувам опозицијата да се врати во Парламентот и таму да има Анкетна комисија што ќе се занимава со ова прашање од политичка перспектива. Но, ова не значи дека кривичниот аспект на овој случај не треба да следи. Мора да видиме две димензии: кривична и политичка“, изјави Хан по средбата со Груевски.

Хан во оваа прилика уште еднаш во духот на заклучоците на Советот побара да се воспостави владеење на правото.

„Европското семејство ги признава обидите на некои членови на Европскиот парламент да арбитрираат за политичко решение. Говориме за земја со европска песрспектива и како таква мора да го почитува меѓународниот и европски стандард на владеење на правото“, изјави комесарот Јоханес Хан.

XS
SM
MD
LG