Линкови за пристапност

Реакции на обраќањето на Црвенковски


СДСМ го поздравува македонскиот експретседател за поддршката, а ВМРО-ДПМНЕ смета тој е „ мрачното лице на Македонија“

„Со оглед на тешката ситуација во која се наоѓа Македонија и длабоката политичка криза, добро е што поранешниот претседател на државата се произнесе и ги соопшти неговите ставови за состојбите во земјата. И СДСМ, и лично јас, како претседател на партијата, ја поздравуваме целосната поддршка што Црвенковски ја изразува кон СДСМ и кон раководството на партијата. За иднината на Македонија и нејзините граѓани неопходно е секој поединец да го даде својот придонес во остварувањето на зацртаните цели со проектот „Вистината за Македонија“, за враќање на слободата, демократијата и европските вредности во нашата држава, а посебно ако тоа доаѓа од искусни луѓе како што е поранешниот претседател Бранко Црвенковски“, изјави за медиумите лидерот на СДСМ Зоран Заев, по вчерашното обраќање до македонската јавност на експретседателот Црвенковски.

Сосема поинаква беше реакцијата на владеачката ВМРО-ДПМНЕ, според која, Црвенковски е „мрачното лице на Македонија“, кое претставува соодветно друштво на „мрачниот лик Заев и мрачните сценарија на СДСМ“.

„Лицето Бранко Црвенковски на кого очигледно му здодеаја прошетките по Флорида и седенките и севдалинките по локалите во Македонија, денес се пројави со писмо, очекувајќи целата јавност да се стресе и возбуди од неговиот проглас и да му заборави за сето зло што го има направено врз граѓаните и државата, дека ќе ги заборави мрачната и болна приватизација во која се раскрчмија над 460 фирми и земјоделски комбинати и беа избркани од работа 200.000 работници, шверцот со нафта, цигари и бакар, неразјаснетите убиства и самоубиства, лажните ветувања за вработување на по еден член од секое семејство, територијалната поделба при која тепаше граѓани кои се спротивставија на неа, сменетото име и знаме, сомнително доделените над 120.000 државјанства и илјадниците други негови лаги и манипулации“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата на власт смета дека Црвенковски нема никаков морален кредибилитет да зборува за решенија, бидејќи тој самиот, 20 години бил генаратор на проблемите, „Сакаме да му порачаме дека ова не се 90-тите и дека нема да дозволиме Македонија повторно да биде заложник на неговите ниски страсти. Нема да дозволиме да го загрози развојот, реализацијата на над 2.000 проекти и отворањето на новите фабрики и работни места“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошовски на партиска трибина во Делчево, изјавил дека „тоа што го прави опозицијата на чело со СДСМ и Заев, од денес е со амин и на Црвенковски“. Според него, „додека тие (опозицијата – н.з) ја кодошат сопствената земја, соработуваат со странски служби и креираат судири по национална, верска и етничка поделба меѓу граѓаните, Никола Груевски нуди инвестиции, нуди нови работни места, нуди субвенции за земјоделците, се ангажира за развојот на економијата...“

Аналитичарот Ѓорѓи Спасов, кој одреден период беше и генерален секретар на СДСМ, изјави за „Дојче Веле“ дека е важно „во вакви времиња да се знае дали молчењето на поранешниот лидер на СДСМ значи одобрување или противење на политиките на актуелното раководство. Сега, барем е јасно дека Црвенковски ја почитува храброста на Заев и ги дели оценките за сегашната состојба во Македонија со актуелното раководство на СДСМ, со независните медиуми и со демократската јавност... Сега, Црвенковски е дел од од големо движење кое се сомнева дека оваа власт ќе поднесе оставка само врз основа на објавените информации за големите злоупотреби. Сега тој е дел од мнозинството кое смета дека не треба да се надеваме целата работа ќе ни ја завршат странците“.

Според провладината агенција „Нетпрес“, грчкот весник „Елефтерос Типос“, објавил текст под наслов, “Поранешниот претседател на земјата сака да се собори владата на Груевски”, во кој се вели дека „Црвенковски го прекрши молкот и во отворено писмо, меѓу другото, напиша дека за борбата против криминалниот и тоталитарен режим на Никола Груевски, неопходно е формирање на широко народно движење, кое што ќе ги инкорпорира и поврзе сите оние кои што можат и сакаат да помогнат”.

XS
SM
MD
LG