Линкови за пристапност

Напад на караулата во Гошинце


Министерството за внатрешни работи на Македонија настанот го нарече „терористички напад“; Истрагата е во тек

Четириесетина вооружени утрово во 2 часот и 30 минути ја нападнале карулата Гошинце во близина на македонско-косовската граница, при што заробиле четворица полициски службеници кои биле дежурни во моментот.

Ова на прес-конференција денеска го соопшти портпаролот на МВР Иво Котевски, откако претходно информацијата ја објавија повеќе медиуми, повикувајќи се на неофицијални информации, според кои, МВР извесен период преговарало со вооружените, за ослободување на полицајците.

Според МВР, се работи за „терористички напад“, а лицата биле „добро вооружени и носеле маскирни униформи со ознака на УЧК и меѓу себе комуницирале на албански јазик“.

„Напаѓачите ги разоружале и тројца од нив ги врзале со лисици, а почнале да удираат еден од полициските службеници. Лицата извадиле и камера и го снимале настанот. Лицето кое што ја предводело групата, на албански јазик преку преведувач кој говорел на лош македонски со србизми, им се обратил на врзаните полицајци со следниве зборови: „Ние сме од УЧК и пренесете на сите дека ниту Ахмети, ниту Груевски не може да ве спаси. Ние сакаме наша држава и не сакаме никакви охридски договори, повеќе никој не смее да дојде нагоре. Доколку вас или било кој друг фатиме повторно сите ќе ве ликвидираме“, изјави Котевски, додавајќи дека им било одземено оружјето, а мобилните телефоните искршени, и им бил даден половина час „пеш да ја напуштат караулата, ако тоа го направат порано, или доколку останат ќе бидат ликвидирани“.

Првичните сознанија и оперативните информации на МВР, како што рече Котевски, се дека тоа се лица од Косово, но се` уште се прибираат докази. Не сакаше да даде други детали, бидејќи како што рече, „активностите што се преземаат на терен се исклучително сериозни“.

XS
SM
MD
LG