Линкови за пристапност

Отфрлен предлогот на Георгиевски за излез од кризата


Експремиерот предизвика лавина реакции со предлогот за амнестија на претставници и од власта и од опозицијата

И владеачката ВМРО ДПМНЕ и опозициската СДСМ ја отфрлија иницијативата на експремиерот Љубчо Георгиевски за амнестија на актуелните политичари, како еден, или дури и единствен начин, за излез од политичката криза во која со месеци е Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ реагираше со соопштение во кое се вели: „За да им ги скратиме маките во дискусијата и да ги смириме духовите во СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ го повторува ставот на претседателот на партијата, Никола Груевски кои СДСМ и деструктивните „соросоиди“ побрзо би сакале да го заборават. За целиот овој случај ќе има правна и политичка завршница. Ние оваа вештачки креирана тема ја гледаме низ призма на внатрепартиските проблеми и местенки во СДСМ“,

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за порталот А1 Он, бил дециден: „Кој сум јас како политичар да зборувам за амнестија? Има Устав, има закон, не само што мора да паднат, мораат да одговараат за кршењето на законот. Има да го вратат сето тоа што е украдено од Македонија, постојат закони во Македонија. И портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов потенцираше на социјалните мрежи. „За да нема дилема и за актуелниве и за бившите, демек добронамерни: „Не се преговара и нема да има амнестија за никого!“

Предлогот на Георгиевски, основач и почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, кој по препуштањето на кормилото на Никола Груеевски и по диригираната маргинализација во партијата, но и во нејзината официјална историја, стана лидер на малата ВМРО-Народна партија, создаде бура реакции во јавноста, пред се, на социјалните мрежи. Особено, зашто тој побара амнестија за претставници и од власта и од опозицијата кои учествувале во финансиски криминал и во актулените афери со прислушување.

Гостувајќи на една ТВ станица, тој предложи преговорите меѓу власта и опозицијата да резултираат со закон што ќе ги „амнестираа и едните и другите“. Според него во аферите „Пуч“ и „Прислушување на 20.000 граѓани“, прислушувале и актуелната МВР, но и припадници на некогашните безбедносни служби, блиски до опозицијата. Тој ја повика актуелната власт да прифати амнестија заради фалсификатите на досегашните избори, кои со промена на власта, илјадници членови на владеачката ВМРО-ДПМНЕ би можеле да да одведат зад решетки - за помагање при изборните фалсификати.

Според Георгиевски, следната, преодна влада, на чие чело може да биде и етнички Албанец, ќе мора да го демократизира македонското општеството и да ги реши основните проблеми со Грција и Бугарија.

„Ако овој кабинет не го направи тоа, ниту еден потоа нема да го направи. Добра е идејата за преодната влада да ја раководи етнички Албанец. Ако оваа ситуација продолжи, нема да имаме подобра иднина. Може да имаме конфликти и поради тоа е потребно брзо наоѓање излез од кризата“, потенцираше Георгиевски.

Лидерот на ЛДП, Горан Милевски ја отфрли иницијативата за амнестија на, според него, „криминалната врхушка на ВМРО-ДПМНЕ, како начин за излез и разрешување на политичката криза“, а неговата партија се залага за конфискација на секој незаконски стекнат имот на владините функционери.

Малата партија ТМОРО испрати соопштение според кое, „во текот на 90-тите во Македонија се изврши грабеж на државниот капитал и до ден-денес никој не одговараше. Во почетокот на овој век се отуѓија Телеком, ЕЛЕМ, рудниците... и никој не одговараше. Значи, имаме премолчана амнестија!? Во исто време, затворите се полни со ситни џепароши и престапници, ќе излезе дека тие се таму затоа што не искрале многу, па нема да ги фати амнестијата? Македонија има Кривичен законик и во него нема одредба дека конфискацијата на имот стекнат со криминал може да се применува селективно.“

Провладиниот аналитичар Владимир Божиновски верува дека законот што го предлага Георгиевски „е во контекст за намалување на тензиите, но сепак, сметам дека партиите не треба да се одлучат на ваков чекор“, а проопзиционата аналитичарка, професорката Мирјана Најчевска на социјалните мрежи го изнесе својот став дека „за секоја идна власт (техничка или избрана) мора да важи правилото дека не смее да има зголемување на имотот ни за еден денар во текот на држењето на функцијата. Секој денар спечален надвор од она што претставуваат средства кои се издвојуваат од државата мора да биде конфискуван (исто како што се подразбира дека сите примени подароци се во сопственост на државата, а не во лична сопственост).“

Претходно, Георгиевски на трибината „Македонија во вртлогот на прислушувањето - Кое е решението?“, изјави дека Македонија со правна завршница треба да дознае кој прислушувал.

„Многу е тешка ситуацијата во Македонија, а кризата е длабока и широка. Првата точка за да се разговара во Брисел е закон за амнестија. И двете страни се спремаат за период кога ќе има многу апсења, и ако влеземе во тој циклус, никогаш нема да излеземе од кризата и после некое време, пак ќе дојдеме до тој момент да има амнестија. Може некој ќе ми се налути, но многу побрзо и полесно ќе се реши се`, ако се договорат за тоа до каде таа треба да биде. Да има политички дел за тие кои прислушувале и од власта и од опозицијата, така мириса, дека двете страни слушале“.

Според медиумите, на истата трибина, професорот Владо Поповски, истакнал дека „ако дојде до граѓанска војна во Македонија, народот ќе тргне по политичките елити во Македонија. Точно е дека има два дела во ова што се случува, односно дека 20.000 граѓани биле прислушувани. Во тој чин има одговорност и како се` тоа излегло на улица и дошло до некој кој го пренесува. Тоа треба да се истражи и расчисти, а потоа за содржината на разговорите, а Јавното обвинителство е должно да реагира за сериозно кривично дело, па макар и по допрен глас... “

Според новинарот и колумнист Бранко Геровски, „никој од опозицијата нема мотив да бара амнестија. Никој од опозицијата не страхува дека би можел да биде уапсен и осуден за крадење избори, за местење тендери, за лапање провизии, за злоупотреба на судството, на полицијата и на другите институции, за корупција. Безмалку цела една деценија никој од опозицијата не е во ситуација да стори такво злодело. А сите што Груевски можел да ги уапси и да ги испозатвори, веќе се наоѓаат во Идризово. И со душа ги чекаат новите цимери од власта.“

XS
SM
MD
LG