Линкови за пристапност

Протестот на средношколците расте - власта не реагира


Денеска се приклучија и учениците, етнички Албанци од Тетово, а за утре се најавуваат нови протести и во Битола.

Иако ресорниот министер Абдилаќим Адеми најавуваше средба со Средношколскиот пленум, учениците кои ја бојкотираат наставата досега не добиле ниедна официјална покана за разговори за нивните барања. Затоа, на 18.000 средношколци кои од минатата недела ја бојкотираат наставата, денес им се приклучија и учениците, етнички Албанци од Тетово, кои за утре најавија нов протест, како и учениците од средното економско и средното медицинско училиште од Битола. И тие, како и нивните врсници од градовите низ Македонија, бараат да се врати стариот концепт на државна матура, математиката да не биде задолжителен предмет при полагањето на матурата и екстерното тестирање да се стави во мирување.

Од Пленумот, кој досега доби поддршка и од Наставничкиот и од Студентскиот пленум, потенцираат дека нема да отстапат од своите барања, а дека од евентуалната средба зависи ставањето на бојкотот во времено мирување, но дека само од донесените решенија зависи дали бојкотот ќе биде и прекинат. Средношколскиот пленум најави и дека годинешните матуранти кои се најзасегнати од контроверзните реформи, нема да ги потпишат пријавите за полагање на државна матура се` додека не се оствари средбата со надлежните и не бидат чуени нивните ставови, но ресорниот министер се сретна само со претставници на организацијата Средношколска унија, која постоеше пред повеќе од десетина години, но за која денес не се знае кого претставува, и со кои се договори математиката да не биде задолжителен предмет во државната матура за сите ученици, туку само за оние од природно-математичките насоки.

Истовремено, револтирани се и дел од родителите на учениците кои потенцираат дека не можат да сфатат зошто министерот одбива средба.

Директор на една од скопските гимназии пак, за весникот „Нова Макдонија“ коментора дека „децата полека се враќаат на настава... Продолжуваме и понатаму комплетно да водиме евиденција за отсуствата на ученици, на професори, врз основа на што секој ќе си преземе одговорност. Родителите се информирани ...“

И покрај ваквиот став, бојкотот на наставата продолжува и во Охрид, Тетово, Битола, Куманово, каде исто така, за утре е најавен протестен марш. Кумановските ученици го изнесоа својот став пред пошироката јавност: „Сведоци сме, дека нашиот образовен систем, сериозно заостанува зад светските едукациски трендови. И во обид да се модернизира, секојдневно се соочува со големи проблеми и контрадикторности, поради недоволна анализа и прилагоденост кон досегашниот начин на работа. “

А по повод регистрираните во дел од медиумите „сериозни прекршувања на правата на учениците“ реагираше невладината организација ЦИВИЛ – Центар за слобода, која констатира дека е повредено правото на слобода на движење во училиштата во кои се одвива бојкотот на наставата, како и дека учениците се континуирано изложени на притисоци, етикетирања и закани од страна на директорите и дел од наставниот кадар.

„Притисокот уште повеќе е засилен со континуираното присуство на инспекциските служби во училиштата. Инспекциите се очигледно во мисија да ги заплашат учениците и наставниот кадар кој ги поддржува, за што сведочат оние што биле повикани на класично испрашување и закани. Бараме од надлежните институции и установи да го почитуваат правото на протест на учениците и да не го користат стравот како средство за манипулација со учениците и за нивно замолчување“, пишува во реакцијата на невладината организација.

XS
SM
MD
LG