Линкови за пристапност

Дваесетта „бомба“ против актуелното раководство на Македонија


Заев се извини на сите оние кои се чувствуваат навредени од изнесеното, и побара трпение од граѓаните

„Ова денеска, е само уште еден доказ дека се` е партија, нема држава и државни институции и тоа по вина на Груевски и неколкумина поединци околу него“. Вака, лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев на денешната прес конференција ја најави тнр. „бомба“- дваесетти по ред случај на, како што тврди, злоупотреба на власта, од страна на актуелното раководство.

„Доказите на денешната прес- конференција ќе ја потврдат узурпацијата на се` во државата, од синдикати преку регулаторни судски тела, јавни претпријатија, администрација, болници, извршна, законодавна, судска власт, буквално се`, од страна на узурпираната партија од Груевски, ВМРО-ДПМНЕ. Нема државен систем, се` е партија, Груевски и тие неколкумина соработници околу него урнисале се`! Со партиски кадри исклучиво под контрола и по одобрение на Никола Груевски ги преполниле полицијата, судството, здравството, образованието - додека професионалци и луѓе кои не мислат како власта, биле исфрлени на улица“, рече Заев, најавувајќи 20-тина телефонски разговори наводно меѓу премиерот Никола Груевски, првиот човек на УБК, Сашо Мијалков, министерите Гордана Јанкуловска, Зоран Ставрески, пратеници од ВМРО- ДПМНЕ и шефот на Кабинетот на премиерот Мартин Протугер, за пресметка со неистомисленици вработени во државната администрација и за полнење на државниот апарат со партиски кадри и поставување на јавни обвинители, членови на Судскиот совет, и на Лустрациската комисија.

„До каде оди апсурдот на партизирањето на се` што постои, открива еден разговор на Протогер и Јанкулоска. Протогер бара од главниот кадровик Јанкулоска, работно место за партискиот возач, кој треба да се води вработен ама да не оди на работа. Јанкулоска, предлага дека тоа може да биде и во возниот парк кај „неа“, мисли на Министерството, и додава дека со шефот на возниот парк во МВР ќе можеле „да бркаат партиски работи“. Ова е класична потврда дека не само луѓе туку и сите државни ресурси, во случајов возилата на МВР, се ставени во функција на партијата“, објасни Заев.

Дел од разговорите што беа денеска презентирани, изобилуваа со навредливи квалификации, при што неподобните вработени во државните институции се нарекуваат „суфицит“, „суштества“,некои од нивните поддржувачи ги нарекуваат „луда банда“, а за Албанците, се користи терминот „шиптари“. Заев се извини на сите оние кои се чувствуваат навредени од тоа, истакнувајќи дека целта е, како што рече, да се види каков е односот на актуелното раководство кон сите во државата.

Одговарајќи на новинарско прашање, уште колку компромитирачки материјали за актуелната власт поседуваат, лидерот на опозицијата рече дека „материјали има за со години, со ваков ритам да се објавуваат“.

„Ќе објавуваме материјали сé додека не замине оваа власт, а се надеваме дека тоа ќе биде многу брзо. Притоа, давајќи шанса, пред сé и над сé, на преговарачкиот процес којшто се води со посредништво на меѓународната заедница“, рече тој.

Прашан, зошто и покрај се`, преговараат со Груевски во Брисел, Заев одговори дека „му дава шанса на преговарачкиот процес кој се води под покровителство на меѓународната заедница“.

„Преговараме затоа што не сакаме да се отворат други алтернативни можности кои граѓаните ги бараат. Гневот врие во Македонија. Бараме шанса како издувен вентил за гневот на граѓаните. Ние ќе дадеме се` по мирен пат да се случи заминувањето на ова зло. Нашите суети и нашите чувства ги оставивме дома кога дојдовме да ја водиме оваа партија. Замолувам за трпение, одговорноста за државата е заедничка на сите“, истакна Заев.

XS
SM
MD
LG