Линкови за пристапност

Продолжува бојкотот на средношколците


Според дел од медиумите, околу 18.000 средношколци во Македонија ја бојкотираат наставата

По четирите работни дена од минатата недела, по велигденските празници, и неделава продолжува бојкотот на наставата во дел од средните училишта низ Македонија. Средношколците бараат укинување на математиката како задолжителен предмет за полагање на државната матура, враќање на стариот концепт на полагање за завршниот испит и укинување на нефункциононалното електронското тестирање и на контроверзното екстерно тестирање. Македонските средношколци со бојкот на наставата бараат прием кај министерот за образование и наука и повлекување на донесените измени во полагањето на државна матура кои предизвикаа реакции во јавноста, пред се, кај учениците и кај нивните родители, но и кај наставниците

Според дел од медиумите, околу 18.000 средношколци во Македонија ја бојкотираат редовната настава, спроведувајќи вонучилишни активности и дебати во самите училишта или во дворовите. Покрај осумте средни училишта во престолнината, наставата се бојкотира и во Куманово, Охрид, Струмица и во неколку училишта во Тетово, а oд денес, и во техничкото училиште во Битола. Во Куманово се потпишува и петиција за поддршка од граѓаните за укинување на, според средношколците, „лошите реформи во образованието“.

Средношколскиот пленум апелираше дел од професорите, особено класните раководители и директорите на училиштата да не вршат притисок врз учениците, зашто тие имаат право да го искажат незадоволство, и да не се прават обиди за спречување на бојкотот со вонредни родителски средби и заплашување на родителите. Средношколскиот пленум на социјалните мрежи објави и кратко видео како објаснување на своите цели и на барањата на средношколците, а претставници на Пленумот изјавуваат за медиумите дека ќе продолжат со бојкотот се додека не се исполнат нивните барања и не се одржи средба со министерот Абдилаќим Адеми.

Со соопштение се огласи и Хелсиншкиот комитет за човекови права, според кое, на Комитетот му биле доставени голем број на барања за правна помош со наводи за повреди на правата на младите лица и на наставниците поради нивните активности во Средношколскиот и во Наставничкиот пленум, како од родители, така и од претставници на Наставничкиот пленум и на Мултиетничкиот синдикат на образование - МЕСО.

„ ... Комитетот е згрозен од наводите за притисоци врз средношколците кои ја бојкотираат наставата како што се: делење исписници, потпишување на изјави со сомнителна содржина, затворање на училишните сали, правење списоци за присуство и отсуство, закани со драконски парични казни и собирање на лични податоци за родителите со цел вршење дополнителен притисок за прекин на бојкотот на наставата... Комитетот смета дека ваквите притисоци врз средношколците се спротивни на Уставот на Република Македонија, но и на сите меѓународни стандарди за заштита на правото на слободно здружување, изразување и мирен протест. Впрочем, Уставот на Република Македонија го гарантира правото на граѓаните, вклучително и децата, мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба“, тврди Хелсиншкиот комитет.

Од ХКМ се децидни дека заканите упатени до родителите и средношколците за парична казни ако продолжи бојкотот на наставата, „претставуваат директна закана и за остварувањето на правото на протест, особено поради тоа што во конкретниот случај не се работи за неоправдано отсуство од наставата, кое може да биде причина за казна согласно Законот за средно образование. Напротив, се работи за правото на децата да ги изразат своите ставови за процес кој директно ги засега како што впрочем претставува образовниот процес и конкретниот проблем - полагањето на државната матура и нивните ставови мора да бидат земени предвид од страна на надлежните институции“.

И НВО Инфоцентарот реагираше со соопштение:

„Притисоците и заканите врз средношколците, нивните родители, но и наставниците кои не се согласуваат и им се спротивставуваат на владините образовни политики во државава, претставуваат директно загрозување на слободата на изразување и слободата на здружување. Граѓаните во Република Македонија, и според Уставот и според сите меѓународни документи кои ги има ратификувано државата, имаат право слободно и непречено да ги градат и искажуваат своите ставови и мислења, и имаат право на слободно собирање и изразување мирен јавен протест. Дури и Конвенцијата за правата на децата им ја гарантира на младите, слободата на мислење, на здружување и на мирно протестирање“.

НВО Инфоцентарот побара веднаш да престанат сите форми на притисок и закани врз средношколците, родителите и наставниците, како и да бидат преземени сите мерки од надлежните институции, граѓаните слободно и непречено да го изразат своето мислење и мирно да протестираат.

XS
SM
MD
LG