Вооружени лица на ал- Шабаб го нападнале Универзитетот Гариса во североисточна Кенија, близу сомалиската граница, убивајќи најмалку 17 лица и ранувајќи 60-тина други.
Милитантната група ја презеде одговорноста за нападот неколку часа по почетокот, во четвртокот. Во соопштение ал-Шабаб кажа дека нападот бил одмазда за тоа што кениски трупи се борат во Сомалија.
Портпарол на милитантната група за новинската агенција Ројтерс кажа дека нивните борци држат христијански заложници во универзитетската резиденција, но дека ги пуштиле сите муслимани. Друг портпарол за француската новинска агенција кажа дека мисијата на групата е да ги „убие оние кои се против Шабаб“.
Извештаите велат дека нападот на универзитетот започнал по 5 часот наутро со експлозија кај портите на кампусот. Две лица од обезбедувањето притоа биле убиени.
Сведоците велат дека студентите во кампусот биле разбудени од пукање.
Главниот полициски инспектор на новинарите им кажал дека напаѓачите пукале без дискриминација на универзитетскиот кампус. Во мoмeнтов не се знае колку заложници држат милитантите и во каква состојба се тие, ниту колку вооружени лица биле ангажирани во нападот.
Минатата недела Универзитетот на Најроби издаде предупредување до студентите дека агенции на кениската влада имаат разузнавачки информации дека ал-Шабаб планира напад на голем универзитет, меѓу другите цели.