Линкови за пристапност

Копилотот „намерно“ го урнал авионот


Андреас Лубиц, го заклучил искусниот пилот надвор од кабината, останувајќи сам во контрола на авионот Ербас А320, пред уривањето во француските Алпи

Француски обвинител во четврток кажа дека копилотот на патничкиот авион на Џерманвингс што се урна во француските Алпи неделава, направил „намерен обид да го уништи авионот“.

Обвинител од Марсеј, Брајс Робин, кажа дека копилотот, 28-годишниот Андреас Лубиц, го заклучил пилотот надвор од кабината, останувајќи сам во контрола на Ербас А320. Обвинителот кажа дека Лубиц потоа „го забрзал спуштањето“ на авионот, летајќи 700 км на час и уривајќи се во снежни планини во југоисточна Франција. Сите 150 лица на авионот загинале.

„Спуштањето можело да биде направено само намерно“, кажа Робин на прес конференција. „Според сите околности, тоа е намерно“.

Обвинителот кажа „нема ништо што би сугерирало терористички напад, но ќе го испитаме тоа лице“.

Робин кажа дека истражителите, по преслушувањето на снимките од авионот од последните моменти на летот, слушнале се` поочајно чукање од пилотот на заклучената врата на кабината, во обид да влезе назад во кабината. Името на пилотот не е објавено.

Но Робин вели дека Лубиц одбил да ја отвори вратата и дека немал аудио контакт со контролорите на летање во последните минути на летот, кој полетал од Барселона, Шпанија, и упатен за Дизелдорф, Германија, со 144 патници на него и шестмина членови на екипажот.

Робин вели дека врз основа на звуците од снимките, патниците сфатиле сосема на крајот дека авионот ќе се урне. „Смртта била моментална“, кажа тој.

Робин одби акцијата на Лубиц да ја нарече самоубиство.

„Не велам дека е самоубиство кога имате 150 луѓе зад себе“, рече тој.

Обвинителот кажа дека Лубиц летал на A320 „неколку месеци“, околу 100 часа „на овој вид авион“, споредено со 10.000 часови искуство на пилотот.

XS
SM
MD
LG