Американскиот државен секретар Џон Кери заминува назад во Швајцарија во среда за преговори со иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф за техеранската нуклеарна програма.
Двајцата дипломати треба да се сретнат во четврток во Лузан, само неколку дена пред истекувањето на рокот што сами го поставија, 31-ви март, за постигнување договор што би бил ограничување за иранското развивање на нуклеарно оружје со години и што ќе ги олесни западните економски санкции против Иран.
Кери и пратениците од пет други светски сили – Кина, Русија, Франција, Германија и Британија – преговараа со месеци со Иран во напор да постигнат прелиминарен договор до крајот на март и конечен договор до крајот на јуни.
Но тие беа забавени со детали на перспективниот пакт, како што се бројот на центрифуги што на Иран ќе му биде дозволено да оперира за, како што вели Техеран, цивилна нуклеарна програма, како и за темпото на кревање на санкциите.
Во телефонски разговор во вторникот, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји го поттикна Зариф да постигне договор во време кога „иранските нуклеарни преговори влегле во крајниот спринт на маратонот“.