Линкови за пристапност

Продолжува истражувањето на местото каде се урна авионот


Една од „црните кутии“ е пронајдена и во Париз се испитува нејзината содржина

Потрагата по остатоците на авионот на Џерманвингс, Ербас А320, продолжија на местото на несреќата, во која загинаа сите 150 лица кои биле во авионот, кога се урнал во вторникот во француските Алпи.

Француското Министерство за внатрешни работи вели дека е пронајдена една од таканаречените „црни кутии“ од летот на Џерманвингс 4У 9525, иако оштетена, и е анализирана во Париз за откривање на причината за уривањето.

Германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Франсоа Оланд и шпанскиот премиер Мариано Рахој се очекува во среда да го посетат местото на несреќата.

Авионот се урна во вторник утрината без да сигнализира проблем, додека бил на рутата од Барселона, во Шпанија, кон германскиот град Дизелдорф. Патниците се верува дека вклучуваат голем број шпански и германски државјани, како и националности од Турција, Холандија и Австралија.

Меѓу патниците се верува дека се и двајца германски оперски пејачи и 16 германски тинејџери кои се враќале од училишна екскурзија.

Луфтханза, компанијата-мајка на Џерманвингс, вели дека уривањето го третира како несреќа во овој момент, и предупреди дека секакви референци на тероризам засега се шпекулации. Белата куќа исто така објави дека несреќата не упатува прелиминарно на тероризам.

Џерманвингс објави соопштение велејќи дека се откажани неколку летови планирани за среда бидејќи членови на екипажот побарале да не летаат. Авиокомпанијата исто така кажа дека е „шокирана и затечена“ од несреќата и ветува целосна истрага.

XS
SM
MD
LG