„Наводите кои се обиде Зоран Заев да ги конструира во денешната прес-конференција се чиста манипулација и невистина. Бомбастичните најави за креирани разговори се само доказ дека и Заев е свесен за своите манипулации. Го потсетуваме Заев дека за истите конструкции беше испратено официјално соопштение од Владата на Република Македонија, во кое јасно беше одговорено дека Никола Груевски не поседува никаков друг имот надвор од оној кој е пријавен во неговиот анкетен лист, а кој е и јавно објавен. Ваквите наводи на Заев и тогаш и сега се целосно измислени и невистинити“, реагираше валдеачката ВМРО-ДПМНЕ по повод денес објавениот најнов сет прислушкувани разговори, наводно меѓу премиерот Груевски и инистерот Миле Јанакиески.
Според ВМРО-ДПМНЕ, и во 13-тата „бомба“, Заев продолжува „да го тера своето деструктивно сценарио, и без поддршка од граѓаните продолжува да објавува креирани, сечени и монтирани материјали... Очигледно дека Заев станува се понервозен кога од сите страни се потврдува неговата соработка со надворешни центри кои не и` мислат добро на Македонија, кога постојат признанија од лицата кои учествувале во нечесниот чин, а кои директно соработувале со Зоран Верушевски, и на крајот на краиштата, кога самите граѓани му покажуваат дека ваквите ниски обиди не се прифатливи за нив“, се вели во соопштението.
Покрај ВМРО-ДПМНЕ, реагираше и Сефер Цановски син на бизнисменот и пратеник Фијат Цановски, чиј објект „Космос“ беше урнат, што исто така беше тема на некои од презентираните разговори.
Медиумите го пренесоа неговиот став Фејсбук профилот, каде тој напишал: „Што и да кажам после ова што денеска го чувме е залудно. Но, едно знам. Знам дека сите ќе платите и ќе одговарате за целото зло што сте го направиле. Во тоа сум повеќе од сигурен... Да, вистината е навистина како шило и излезе на виделина и уште еднаш јавно, ќе му заблагодарам на Зоран Заев, за мене еден од најчесните и најискрени политичари на денешницата во Република Македонија и пошироко. Време е за чесни и искрени луѓе во политиката, во бизнисот, во нашава скромна држава во секој поглед“.