Авганистанскиот претседател Ашраф Гани во понеделник кажа дека авганистанското „партнерство со САД е фундаментално“ и се заблагодари на САД што на неговата земја и` дале „слобода и надеж“.
На почетокот на тридневната посета новиот авганистански лидер вети дека ќе ги порази талибанските бунтовници кои сакаат да ја соборат владата, во борби кои продолжуваат повеќе од 13 години, откако САД направија инвазија на Авганистан за да ги нападнат милитантите на ал-Каида по нивниот терористички напад на САД во 2001-ва.
Тој се сретна со американскиот Секретар за одбрана Аштон Картер, во Пентагон. Заедно со главниот егзекутивец на Авганистан, Абдула Абдула, ќе се сретнат утре со американскиот претседател Барак Обама и потпретседателот Џо Бајден, а Гани во среда ќе се обрати пред Конгресот. Во четврток авганистанските лидери заминуваат за Њујорк каде ќе се сретнат со претставници на Обединетите нации.
Високо на агендата на американско-авганистанските разговори е брзината со која ќе се повлекуваат преостанатите 9.800 американски трупи во Авганистан, стационирани таму за советување и обука на авганистанските трупи откако последните американски борбени сили се повлекоа на крајот на минатата година.
Авганистанскиот лидер сака да има бавно повлекување на американските трупи, додека силите на Кабул продолжуваат секојдневно да се соочуваат со терористички напади.