Линкови за пристапност

Тед Круз за претседател


Сенаторот од Тексас е првиот републикански кандидат кој ќе се бори за номинација од неговата партија.

Тексашкиот сенатор Тед Круз во понеделник соопшти дека се кандидира за претседател на изборите во 2016-та.

Круз претходно најави дека формално ќе ја објави кампањата за републиканска номинација, a ја направи официјална со порака и видео на Твитер, веднаш по полноќ во понеделник.

„Верувам во Америка и во нејзиниот народ и верувам дека можеме да се исправиме и да го обновиме нашето ветување,“ кажа Круз во кампањската реклама, апелирајќи на, како што ја нарекува, „новата генерација на конзервативци“.

Круз е на 44 годишна возраст и сенатор во прв мандат. Тој е првиот републикански кандидат од висок профил кој формално се приклучил на трката. Неколку други републикански кандидати се очекува да уследат наредниве недели.

Круз, кој се приклучи на Сенатот во 2013-та, е миленик на конзервативната Ти Парти. Тој сака да го анулира законот за здравствена заштита на претседателот Обама, да ја укине Службата за даноци и да го укине Одделот за образование.

Меѓу републиканските политичари кои се очекува да најават кандидатура се поранешниот гувернер на Флорида, Џеб Буш, гувернерот на Висконсин Скот Вокер, поранешниот гувернер на Тексас Рик Пери и сенаторите Ранд Пол од Кентаки и Марко Рубио од Флорида.

Син на американска мајка и татко роден во Куба, Круз би бил првиот претседател со хиспанско потекло. Иако е роден во Канада, двајца адвокати кои претставувале претседатели од двете партии пред Врховниот суд напишале во Харвардското правно списание дека Круз ги изполнува уставните стандарди да се кандидира.

XS
SM
MD
LG