Линкови за пристапност

Десетмина заболени од туларемија во Македонија


Освен избегнувањето на води за кои постои сомнение дека се контаминирани, надлежните велат дека најдобра заштита е вакцинација.

Жител на селото Лозово е најновиот заболен во Македонија од туларемија, со што вкупниот број за заразени од оваа болест што ја пренесуваат глодарите, од почетокот на годинава досега, е десет. Останатите заболени се од скопско, но најголемиот број се од источниот дел на земјата. Иако појавата на болеста се поврзуваше со неодамнешните поплави, ситуацијата на теренот го покажува токму спротивното - заболените главно се од скопско Арачиново, Каратманово и од регионот на Свети Николе, каде што поплави немаше.

„Во регионот немало поплави, но има зголемување на бројот на глодари. Жителите да внимаваат со водата за пиење, на местата кадешто се појавиле глувци. Болеста се пренесува преку вода, воздух, но не и од човек на човек“, рече денеска министерот за здравство Никола Тодоров, кој денеска присуствуваше на седница на Комисијата за заразни болести, на која се донесени неколку мерки за спречување на ширењето на заразата.

„Државниот санитарен и здравствен инспекторат да ги задолжи општините да спроведат дератизација на канализациските мрежи во градовите со посебен фокус на Гостивар, Тетово, Берово, Велес, Свети Николе, Струмица, а Агенцијата за храна и ветеринарство да ги задолжи производителите да ја соберат жетвата од полињата, имајќи предвид дека од неа се хранат глодарите, и веднаш да изврши хлорирање на сите приватни/селски водоводи со посебен акцент на засегнатите подрачја - општина Лозово, Арачиново и Грушино“, се наведува во заклучоците.

Засега само во Каратманово водата е забранета за пиење. Според тамошните жители, наездата од глувци во полето предизвикале загадување на водата, бидејќи токму во близина се наоѓаат и трите бунари со кои се снабдува селото. Дури четворица од заболените се токму од ова село.

Вкупно седуммина се лекувале на Клиниката за инфективни болести во Скопје, од кои само едно се` уште се наоѓа во болница. Сепак, епидемиолозите предупредуваат на поголема лична хигиена и претпазливост, ососбено во подрачјата од земјата кои изминатиот период беа поплавени и големи се шансите за наезда на глувци и стаорци.

Во изминатите 25 години ова заразно заболување во Македонија било регистрирано само двапати. Првите случаи се појавија годинава, откако на Косово беше прогласена епидемија од туларемија. Од Министерството за земјоделство велат дека последната дератизација, која требала да биде извршена изминатата есен, била одложена поради големата влажност и специфичните услови кои не овозможувале таа да биде спроведена. Освен избегнувањето на пиење и капење во води за кои постои сомнение дека се контаминирани, епидемиолозите велат дека најдобра заштита од болеста е вакцинација.

„Најефикасна заштита е примената на жива, антитуларемична вакцина, за лица кај кои постои висок ризик за заболување од туларемија. Со примање на вакцината при епидемиска појава на ова заболување, епидемијата се прекинува за 10 – 15 дена од извршената вакцинација. Вакцината остава солиден и долготраен имунитет, а во случај на потреба може да се спроведе и ревакцинација“, вели Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје.

Засега од туларемија нема ниту една жртва, ниту на Косово, ниту во Македонија.

XS
SM
MD
LG