Германија никогаш не била попросперитетна, побезбедна и послободна отколку што е денеска. Според економската моќ, Германија е на четврто место во светот, додека е близу до врвот и како светски извезувач. Само минатата година, германскиот трговски суфицит од 246 милијарди долари, по вредност беше втор во светот – веднаш по Кина.
Пекинг и Вашингтон го прифаќаат Берлин како главен претставник на вкупниот европски блок.
Всушност, 24 години по обединувањето, Германија стана најважен трансатлантски партнер на САД, истакнува Анет Хојзер од Фондацијата Бертелман, овде во Вашингтон.
„Кисинџер своевремено го постави прашањето дали Европа има еден телефонски број на кој може да се јави Вашингтон. Мислам дека сега имаме солиден одговор за Кисинџер. Телефонот се наоѓа во Берлин“, вели Хојзер.
Но без оглед на се` поголемото влијание на Берлин, Германија се воздржува од преземање поважно место на глобален план, тврди Стивен Сејбо, автор на нова книга под наслов Германија, Русија и растежот на гео-економијата.
Германија се афирмира исклучиво преку трговски средства, вели тој: „Преовладува мислење дека Германија треба да биде исклучиво економска сила – не воена, ниту стратешка сила“.
Сепак, останува отворено прашањето, вели Сејбо, „дали Германија во еден момент ќе се откаже од статусот на трговска сила, односно дали ќе ја ребалансира својата надворешна политика, или подобро речено, дали ќе води вистинска дипломатска политика, не само економска политика?“
Растежот на Германија исто така се одвива во екот на геополитичка опасност на источните граници на Европа, како и безбедносни ризици кои доаѓаат од исламскиот екстремизам на југот на Европа, вели Даниел Хамилтон, директор на Центарот за трансатлантски односи на Универзитетот Џонс Хопкинс: „Нестабилноста поврзана со Русија како и немири на Блискиот Исток би можеле во еден момент да се преклопат и да се одразат во самата Европа, да ја поремети самата срж на Европа.“
Како одговор на потезите на Русија во Украина, НАТО повика на формирање сили за брза реакција, во чиј состав Германија игра важна улога, вели Рајнхард Битикофер, од Германскиот совет за надворешнополитички односи:
„Германците кои неволно преземаат воена улога, распоредија свои сили во некои од балтичките земји, за да ја зајакнат одбраната во земјите со слаб одбранбен штит.“
Економската моќ во светот зависи од стабилноста на меѓународниот поредок, што ја гарантираат западните стратешки сили, велат многу аналитичари. Затоа не е необично што Берлин е се` поподготвен во тоа да придонесува.