По вчерашниот масовен собир на членовите и симпатизерите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, на кој лидерот и премиер Никола Груевски ги одби опозиционите барања за преодна влада, како и за негова и за оставки на дел од министрите, на јавниот обвинител и на раководството на јавниот сервис МРТВ, потенцирајќи дека избори нема да има, како и по „детонацијата“ на десеттата „бомба“ на лидерот на опозицијата, Зоран Заев, за наводните злоупотреби со катастарски парцели од премиерот и неговите блиски соработници, не стивнуваат реакциите и контрареакциите на обете страни.
Вчера напладне пред петнаесетина илјади пристуни, кои со стотици автобуси дојдоа организирано во Скопје, премиерот Груевски потенцираше дека и анкетите и „гласот на народот“ ги поддржуваат проектите и ветувањата на неговата партија, која љубовта кон татковината ја докажала со зголемување на платите и на социјалната помош, со бројните странски директни инвестиции и новите вработувања кои ја намалиле стапката на невработеност.
Според Греувски, „не е нашиот народ наивен“.
„Овој народ поминал многу во минатото, нашиот народ е мирен, спокоен, семеен, сака сигурна иднина, сака извесност, и не дај Боже да му брцнеш во око, или да пробаш да го излажеш и изманипулираш. Тогаш не те спасува ни странец обвинител, ниту пак нарачани од некого изјави и написи по странски медиуми, тогаш ни Владе Милчин, ни Фрчко, а Бога ми ни Супермен не може да те спасат. Кога ќе зацапаш по пат како нивниот, кој е полн со недоречености, интриги, измами, сценарија и туѓи интереси, тогаш е многу тешко да се вратиш од тој пат. Тогаш си цело време заложник на тој на кого си му ја продал душата. Нашиот народ не го поддржува тоа“, рече премиерот.
На економските и особено на политичките пораки кои од собирот, кој ги имаше сите карактеристики на предизборен митинг, реагираше опозицијата.
Во соопштението на СДСМ се вели:„Груевски и неговите соработници не можат да се спасат од ... од одговорноста за обелоденетите злодела што и` ги правеле на државата“.
Опозиционите социјалдемократи сметаат дека „очајот на Никола Груевски се виде во лицата на принудно донесените граѓани на кои се читаше здодевност и пораката – `или си присутен, или утре не си на работа`. Се виде и преку неговиот говор со исти тези и исти реченици, со кои неуспешно се обиде да го покрие неговото предавство. Груевски девет години ги предавал интересите на граѓаните на Република Македонија за лично богатење во илјадници метри квадратни, за остварување исклучиво на сопствените интереси“.
Реагираше и НСДП, според која, „ако вистински си ја сака државата, сега е вистинскиот момент Груевски да го повлече најпатриотскиот чин во овие девет години, да поднесе оставка и да ја ослободи Македонија од неговите стеги“. Според партијата, иако владејачката партија направила реалити шоу, сепак, не успеала од членството да сокрие дека го направила заложник на задоволувањето на материјалните интереси „на Груевски и фамилијата“.
НСДП смета дека „ќе беше чесно Груевски да објасни дали гласот од обраќањето е истиот оној глас кој граѓаните и членовите на ВМРО-ДПМНЕ можеа да го слушнат во договарањето за купопродажба на Македонска банка? Дали е негов гласот кој на министерот за транспорт и врски, Јанакиевски, му наредува со динамит да се сруши комплексот Космос и дали е негов гласот кој што во шифри шепоти за купување на плацеви на Водно? Дали тоа е истиот тој Груевски кој дозволи МВР да биде претворено во МВРО, а изборите за него и фамилијата да бидат прашање на живот или смрт. Иститот ли е тој Груевски кој што зборуваше за успеси на Владата и повикуваше за обединување на Македонците, Албанците, Ромите, со оној Груевски кој одобрува `влечење на Ромите за уши` и `фаќање на Албанците за врат`“.
Наспроти собирот на ВМРО-ДПМНЕ, опозицијата ја активираше и десетатта „бомба“, најновиот сет снимки на телефонски разговори, во кои главна тема беа вистинските причини за повторувањето на изборите во скопската општина Центар и наводниот криминал со градежно земјиште, во организација и изведба на премиерот и министрите во владата. Лидерот на СДСМ, Заев, пред емитувањето на снимките изјави дека „Се` било за задоволување на мегаломанските афинитети на Груевски“.
„Не се само четирите стана, метрите квадратни... Низа скандали беа приредени за двата спорни урбанистички планови Капиштец- Водно и Панорама…. две атрактивни локации на кои удрил мерак Груевски и дошол до нив. Нивната вредност е пет милиони евра“, кажа Заев.
На ставовите на Заев, реагираше самиот Груевски кој најостро ги демантираше, како целосно невистинити Тој демантираше дека купувал градежни плацеви или дека е сопственик на било каков плац надвор од оној кој е пријавен во неговиот анкетен лист.
„Овие наводи се целосно измислени и невистинити. Тоа се лаги и конструкции чија цел е јасна, а тоа е моја компромитација, како дел од сценариото кое овој човек го одработува. Очигледно, откако сфаќаат дека ефектот од ова што го прави Зоран Заев е далеку од она што го очекуваа, тој се повеќе се заглавува во нови и нови конструкции и на тој начин сака да го дефокусира вниманието од неговата лична одговорност, базирана на злоупотреби и тешки кривични дела“, рече премиерот Груевски.
На неговиот, пак, говор, реагираше сопартиецот и еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ, а сега член на Форумот на слободоумни патриоти, професорот д-р Јове Кекекновски, кој во медиумите се залага за процес на „дегруевизација". Според него, бројката на присутни на собирот „не значи ништо... бидејќи на сите им е познат начинот на кој присутните се присилени да присуствуваат на трибината, со цел да се промовира хипермонолитност и единство“.
Сосема спротвен е ставот на експертите - гости на ТВ Сител, според кои говорот на Груевски на народниот собир бил силен и обединувачки, и требало да биде инспирирачки за сите политички партии, па дури и за СДСМ. Според Цветин Чилиманов, „во овој сублимиран говор на премиерот се гледа целата политика како тип на водење на државна политика, при што премиерот настапи и во името на ВМРО-ДПМНЕ со обединувачки аспект, со едни силни пораки за националните витални интереси со силни пораки за зачувување на единството и напредокот на Македонија, зборувајќи за развојните аспекти на работата на Владата, зборувајќи за почитувањето на демократските придобивки и демократското владеење ... повикувајќи токму на политичката одговорност и легитимитет кои се добиваат на избори.“
Понакво е мислењето на експертот за човекови права д-р Мирјана Најчевска, која напиша дека во целиот говор од 13 страни, Груевски во ниту еден момент не негирал конкретен снимен разговор.
„Груевски одговара на прашања кои не се поставени. Дава податоци и отчет за нешто за што не му се побарани податоци и отчет.... Во исто време, Груевски не одговара на поставените прашања. На пример: дали во Министерството за внатрешни работи за време на изборите имало штаб на ВМРО-ДПМНЕ?... Всушност, целиот говор на Никола Груевски претставува голема замена на тези, дефокусирање на вниманието од поставениот проблем. Избегнување да даде одговор и да преземе одговорност... Што би рекол народот, не` прави будали при здрав разум“, вели Најчевска.