Линкови за пристапност

САД се подготвувааат за прекин на финансирањето за обезбедувањето


Битката во Конгресот е всшност за имиграцијата, што задржува 40 милијарди долари за домашната безбедност

Законодавците од двете најголеми партии одржаа прес конференции во четвртокот јавно обвинувајќи ја другата страна за застојот во врска со имиграцијата што ги донесе до друга буџетска битка – овој пат во врска со финансирањето на Одделот за домашна безбедност.

Републиканскиот спикер на Претставничкиот дом одби да каже што може да биде следниот чекор доколку Сенатот испрати предлог-закон без провизии за блокирање на извршната акција на претседателот за имиграцијата.

„Мислам дека е несфатливо сенатските демократи да го користат финансирањето за домашната безбедност за уценување со цел да ги заштитат акциите на претседателот“, рече Бејнер.

Поголем дел од демократите ја претпочитаат извршната акција, објавена доцна минатата година од страна на претседателот, која би заштитила до пет милиони недокументирани имигранти од депортација и би им дозволила да се пријават за работна дозвола и легален статус. Повеќето републиканци се против акцијата, велејќи дека претседателот ги пречекорил овластувањата.

Демократите од Сенатот и Претставничкиот дом сакаат републиканците да го одвојат прашањето на имиграцијата од финансирањето на домашната безбедност. Демократската лидерка на малцинството во Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, кажа дека тврдоглавоста на републиканците од Претставничкиот дом е штетна за националната безбедност.

„Време е да пораснат и да го усвојат овој предлог закон“, рече Пелоси.

Лидерот на демократското малцинство во Сенатот, Хари Рид, кажа дека е лудо дури и да се размислува за прекин на финансирањето во време на засилени терористички предупредувања.

„Американскиот народ е исплашен, и со право. Исламската држава изгледа дека има пари, зошто тогаш нашата земја да нема пари да се заштити?“

Зад сцената, некои републикански законодавци велат дека работат на краткорочни предлог закони како начин да се спречи затварањето.

Доколку Конгресот не успее да го усвои предлог законот, околу 300 илјади вработени на Одделот за домашна безбедност – главно административен персонал – ќе бидат на принуден одмор. Околу 240 илјади други вработени на овој оддел ќе мора да се појават на работа без плата, зашто се определени како неопходни за американската национална безбедност. Масивниот Оддел за домашна безбедност опфаќа обезбедување на аеродромите, Крајбрежна стража, агенти на погранични патроли и агенти на Тајната служба кои го штитат претседателот и неговото семејство, меѓу другите вработени.

XS
SM
MD
LG