Линкови за пристапност

Европа загрижена за состојбата со човековите права во Македонија


Се огласија комесарот за човекови права на Советот на Европа и претседателот на Европската федерација на новинари.

Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Нилс Мужниекс, изрази голема загриженост за состојбите во Македонија. Во изјава за новинската агенција „Мета“ тој кажа:

„Многу сум загрижен за наводите за масовно и недозволено прислушкување на новинари и граѓани во поранешната југословенска република Македонија. Ова се сериозни наводи кои заслужуваат ефективна и независна истрага. Овде во прашање се доведуваат повеќе човекови права, а медиумската слобода и заштитата на новинарските извори не се најмалите“.

Комесарот за човекови права ги повика македонските власти брзо да го расчистат случајот.

„Македонските власти мораат брзо да ги расветлат случувањата, и во случај наводите да бидат утврдени, одговорните мораат да сносат одговорност, а употребата на таа пракса да прекине“, изјави Мужниекс за „Мета“ по состанокот во Брисел со Европската федерација на новинари.

За медиумските слободи во Македонија се огласи и оваа европска новинарска асоцијација. Нејзиниот претседател Могенс Бјерегард, кажа:

„Ова нарушување на правата директно ја засега медиумската слобода во Македонија, со тоа што потхранува клима на страв и самоцензура. Ако наводите се утврдат, тогаш македонските власти јасно го нарушиле правото на новинарите да си ги заштитат изворите“.

XS
SM
MD
LG