Непосредно по четвртата „бомба“ на водачот на опозицијата Зоран Заев, на која беа емитувани нови снимки за коишто кажа дека се од прислушувани телефонски разговори, овој пат на новинари и на претставници од власта коишто директно „уредуваат“ медиуми, ненадејно прес-конференција одржа и премиерот Никола Груевски.
Според него, Македонија „била таргет на прислушување од странска служба“, а со тактичка опрема, „снимањето го вршеле високообучени професионалци“. Според Груевски, лицето З.В. е реализаторот на нарачката на една странска разузнавачка служба за следење на влијателни поединци во македонското општество за нејзини цели, и тоа лице ангажирало две други лица што работеле во УБК и го вршеле снимањето. Груевски тврди дека за сето тоа постојат непобитни докази.
„И при првото мое обраќање реков дека јавноста мора внимателно да ја следи целата оваа ситуација и добро да размисли пред да донесе свои ставови и заклучоци“, рече Груевски.
Премиерот потенцираше дека кон средината на 2014-та „за овие материјали се заинтересирало и лицето Зоран Заев, кој најпрво со нив се обиде да изнуди техничка влада“.
Груевски тврди дека откако водачот на опозицијата му упатил закани, МВР ангажирало странски експерт којшто „докажа дека непознат сторител во Скопје нелегално снима разговори“. Премиерот нагласи и дека да сакал да го замолчи или спречи Заев, логично би било да ги прифати неговите уцени. „Но, јас тоа не го направив. Овде играта не е Заев, тој е само еден најобичен инструмент, камиказа, овде играта е многу поголема, преголема за неговите сфаќања. Јас не сум човек кој функционира под закани и уцени. Тоа е неприфатливо кон граѓаните и кон државата да калкулирам за националните и државните интереси“, нагласи Груевски.
„Опозицијата сака да не` направи монструми, целта им е да мобилизираат народ кој ќе им поверува, да продолжат со протести и да не` киднапира сите нас во тој вртлог“, рече Груевски. За првпат, денес тој обелодени дека самиот побарал спроведување на посебни истражни мерки (снимање) за водачотна опозицијата, откако дознал дека се можни закани кон него.
„Брзо по добивањето на овие информации, дојде и барањето од Заев за средба со мене. Тогаш од Обвинителството побарав спроведување на ПИМ. Заканата и се оствари. Уште еднаш ќе кажам, на снимките има точни, делумно точни и неточни разговори. Лесно е да се креираат разговори кога имате толку многу снимки“, рече Груевски.
Сепак, тој тврди дека македонските тајни служби никогаш не снимале надвор од законската процедура, а дека агентурата којашто наводно ја организирало лидето З.В., неслучајно ги преведувала дел од снимените разговори и политички анализи на состојбите во Македонија - на англиски јазик. „Од ова е јасно дека целата операција била наменета за странската разузнавачка служба. А ние знаеме чија е таа служба“, рече Груевски.
„Сите овие докази ќе бидат презентирани пред судот. Од МВР ме убедуваат дека имаат цврсти и непобитни докази за соработката на овие лица со странска разузнавачка служба, за примање пари за таа услуга, а еве, денеска, еден од нив тоа и го признал на судот“, рече Груевски, за случајот, во којшто, според одделни медиуми, „со пресуда е верификувана спогодбата на лицето З.К., вработено во МВР, со Јавното обвинителство - за кривичните дела шпионажа и неовластено прислушување “.
Груевски беше дециден дека случајот мора да има и правна, институционална и политичка разврска, но изјави и дека тоа не значи и предвремени парламентарни избори. Иако изјави дека опремата за снимање во неговиот кабинет веднаш била демонтирана, по јавното признание на премиерот дека водачот на опозицијата бил тајно сниман во неговиот кабинет, дел од медиумите го поставија прашањето: кога и како ќе реагира Обвинителството, зашто тие снимки веќе се појавија на македонски електронски медиуми и на Интернет, што е казниво по закон, односно кој ќе ја понесе одговорноста.
На прашање зошто тој како премиер се појавува во својство на портпарол на МВР на прес-конференција, а министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска не се огласува по повод скандалот, премиерот Груевски одговори дека тој така одлучил.
Пред да се огласи Груевски, Заев одржа прес-конференција на којашто беа претставени снимки од нови телефонски разговори за коишто СДСМ тврди дека се дел од скандалот со наводното прислушување на над 20.000 граѓани и конкретно покажуваат дека преставници на власта директно манипулирале со јавноста, диктирајќи медиумски извештаи на провладини медиуми, директно нарачувајќи ги од нивините уредници.
„Според материјалите што се доставени до нас, следени и прислушувани се сите, и новинари од провладини медиуми и професионални новинари кои критички ги опсервираат состојбите во Македонија. За првите, уредниците во провладините медиуми, имаме аудио материјали кои ја разобличуваат директната спрега: премиер – УБК – медиуми. Како лично директорот на УБК, Сашо Мијалков, координирано со премиерот и негови соработници, во вистинска смисла на зборот владеат и менаџираат со медиумите и новинарите, не само во приватни медиуми, туку и во националниот сервис МТВ“, рече Заев.
Според Заев, најприслушуван новинар од критички настроените медиуми бил уредникот на неделникот „Фокус“, Никола Младенов, којшто го загуби животот во сообраќајна несреќа за којашто се спроведе истрага но којашто во дел од јавноста до ден-денес е оспорувана.
„Од оправдани причини нема да ги објавиме разговорите (на Младенов, н.з), а ќе постапиме на начин за кој ќе одлучи семејството“, рече Заев.
На денешната прес-конференција беше потенцирано дека повеќе од сто новинари биле следени и прислушувани од македонската тајна полиција, а на дел од прислушуваните им беа дадени и папки со преписки од прислушуваните разговори. Според денес изнесеното, меѓу следените и прислушуваните се Борјан Јовановски, Биљана Секуловска, Горан Михајловски, Катерина Блажевска, Сашка Цветковска, Мери Јордановска, Јадранка Костова, Младен Чадиковски, Оливера Трајковска, Мухамед Зекири, Снежана Лупевска, Насер Селмани, Бранко Героски... Дел од нив веќе најавија дека ќе бараат одговорност во врска со ова.
Главниот уредник на ТВ Алсат – М, Мухамед Зекири, изјави во медиумите дека новинарите треба да се горди затоа што успеале да го зачуваат критичкото мислење.
„Можам да кажам дека сум горд, како што треба да бидат сите мои колеги кои биле преслушувани од оваа тоталитарна власт затоа што имале критично мислење. Ние треба да сме горди затоа што на време сме биле визионери и сме знаеле со кого си имаме работа. Но, на ова мора да се стави крај, ние мора да пратиме порака дека сите ние сме Никола Младенов“, изјави Зекири.
Според Заев, во еден од снимените телефонски разговори, челникот на УБК Сашо Мијалков му признава на уредникот на ТВ Сител, Драган Павловиќ-Латас, дека тој го „средил“ сопственикот на ТВ А1 Велија Рамковски, кој се уште се наоѓа во затвор.
Министерството за внатрешни работи денес излезе со писмена реакција за обвинувањата на опозицијата, тврдејќи дека се работи за најобична лага, клевети и конструкции, а не за документи на Управата за безбедност и контраразузнавање: „Министерството за внатрешни работи и УБК во време на сегашното раководство никогаш ниту незаконски следеле, ниту правеле анализи на новинари. Во целост сме ги почитувале Уставот и Законите на Република Македонија и сме работеле согласно истите. Заев се товари за најтешки дела против државата и граѓаните и во судска постапка по Оперативната обработка „Пуч” согласно Законот ќе добие можност да ја даде својата одбрана за материјалите за кои изјави дека му биле дадени од странска служба“, порачува МВР и додава дека „се` поочигледно станува дека четвртоосомничениот Зоран Заев почнува да се губи и да тоне, обидувајќи се да исконструира се` поголеми лаги“.
Покрај Груевски, на четвртатата „бомба“ на Заев денес реагираше и владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Според оваа партија, прес конференцијата на Заев била само продолжување на сценариото за креирање нестабилност во Македонија, за манипулирање со јавноста и за насилно преземање на власта.
„Заев е добар извршител на желбата на странските центри, без притоа ниту еднаш да се запраша каква и колкава штета и` нанесува на сопствената држава. Напротив, свесен е дека нанесува штета на Македонија и продолжува“, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.
„На денешниот прес на Заев не слушнавме и веројатно од Заев никогаш нема да слушнеме за спрегата на Заев и СДСМ со опозициските новинари, дебело финансирани од негов личен џеб и од страна на фондацијата Сорос, како и за групата невладини организации кои гравитираат околу опозицијата кои во меѓусебна спрега организирано дејствуваат заради реализација на сопствените цели“, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.